• недела, 22 декември 2024

Таравари: Изјавата на Димитриевски е за политичко поентирање

Таравари: Изјавата на Димитриевски е за политичко поентирање

Скопје, 5 јули 2024 (МИА) - Лидерот на Алијансата за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари вечерва изјави дека е во добри односи со Максим Димитриевски од ЗНАМ и ја оцени како „политичко поентирање“ неговата реакција дека ќе излезе од Владата ако министрите повторно истакнат албанско знаме во владините простории.  

- Не сум се слушнал пет, шест дена, но имам комуникација. Максим ми е добар пријател. Мислам дека тоа е повеќе за политичко поентирање отколку дека навистина така размислува господинот Максим Димитриевски. Неговата кампања кога беше кандидат за градоначалник 2021 година доби огромен број на албански гласови. И во неговата канцеларија гледам дека има албанско знаме и не е ништо страшно. Албанското знаме е официјално знаме кое се користи во нашата држава, така што не е ништо страшно. Мислам дека е повеќе политичко поентирање отколку дека навистина така размислува, рече Таравари во Тема на денот на ТВ Сител.  

Тој исто така кажа и дека се уште не е завршена правната битка за Алијансата на Албанците, која се подели пред изборите. Дел од членството се приклони кон него, додека дел кон Зиадин Села. Печатите од партијата, рече Таравари, се кај нив, но исто така кажа дека одлуката за одземање на печатите на Судот ја обжалиле пред Апелацискиот суд. 

- Не ни треба веќе притисоци од никого. Само да се донесе мериторна одлука. Ништо друго, рече Таравари. ев/цр

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан