• среда, 04 декември 2024

Општина Кочани ќе плаќа дел од потрошената струја за социјално загрозените семејства во Старата касарна

Општина Кочани ќе плаќа дел од потрошената струја за социјално загрозените семејства во Старата касарна

Кочани, 4 декемврии 2024 (МИА) – Семејствата во социјален ризик кои живеат во објектот на Старата касарна во Кочани ќе имаат по 100 киловатчасови електрична енергија месечно што ќе им бидат платени од општинскиот буџет. Потрошената количина над овој износ ќе мора сами да ја плаќаат или ќе бидат исклучени од електричната мрежа.

Одлуката за покривање на дел од трошоците за струја на 18 семејства едногласно ја донесе Советот на Општина Кочани на денешната седница, по предлог на советникот Аки Акиов. Притоа, беше заклучено одлуката да важи до трајно решавање на проблемот со домувањето на овие граѓани, кои главно се со ромска етничка припадност.

- Општината формираше комисија која направи попис на граѓаните кои живеат во Старата касарна, при што е утврдено дека се сместени околу 90 лица, од кои најголем број се малолетници. Со одлуката што ја донесе Советот, најдоцна до утре тие повторно ќе бидат приклучени на електричната мрежа. Одлуката за покривање на дел од трошоците за струја за нив од Буџетот на Општината ќе важи сѐ до вселувањето во таканаречените типски куќички, а што треба да почнат да се градат оваа пролет, истакна советникот Акиов.

Семејствата во Старата касарна, што се наоѓа во централното подрачје на Кочани, живеат во супстандардни услови над две децении, а покрај електричната енергија, основен проблем им е снабдувањето со вода за пиење и недостигот од канализациски одвод.

Пред неколку години од државниот буџет беа обезбедени средства за изградба на објекти за нивно сместување на друга локација, но по реакција на месното население проектот беше запрен. та/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан