• петок, 14 јуни 2024

Општина Дебар со детално објаснување околу немањето улично осветлување во делови на градот

Општина Дебар со детално објаснување околу немањето улично осветлување во делови на градот

Дебар, 1 март 2023 (МИА) – По неколкудневното присуство на проблемот со недостиг на јавно осветлување во некои делови на градот, што предизвика незадоволство и разни коментари, општина Дебар објави, како што се наведува, детално објаснување во врска со ова прашање.

-Поради полемиките во последните неколку дена околу јавното осветлување во Дебар должни сме да ви дадеме подетално објаснување за оваа проблематика, каде градот неколку дена по ред се соочува со делумен недостиг на јавно осветлување. Сето тоа како резултат на исклучувањето од електромрежата од страна на компанијата ЕВН поради неплатени сметки во последните 4 месеци. Петкратното поскапување на струјата, со сега плаќање на 2 сметки, една за снабдување и една за дистрибуција на електрична енергија, ги прави сметките за јавното осветлување многу повисоки од претходно и привремено е невозможно од буџтот да се намират сметките, стои во објавата.

Се додава дека и покрај рестриктивните мерки што ги презела општина Дебар по барање на Владата од 17 отсто, со што „значително се намалиле киловат часови потрошена енергија за јавно осветлување, количината на потрошена енергија останува висока“.

-Секако, веднаш беа преземени мерки против ваквата состојба и беше вратено осветлувањето на градското шеталиште и плоштадот „Скендербег“ како и во некои населби. Првиот момент кога ќе имаме финансиски средства ќе го исплатиме заостанатиот долг за целосно да го вратиме осветлувањето во градот. Долгорочно ќе се изработи проект за поставување соларни панели, се посочува во објавата.

Се потсетува дека прашањето со немањето јавно осветлување не е само во општина Дебар, туку и во многу други општини во Северна Македонија кои “презедоа поригорозни мерки со опфат на многу поголеми зони со исклучување на уличото осветлување“.

-Чести и слични проблеми имаше и порано во нашата општина, додека во последните три години тоа се случи само еднаш поради светската енергетска криза. Бараме од граѓаните трпение додека не се реши проблемот, наведува во објавата општина Дебар. вт/сст/

Остани поврзан