• четврток, 11 јули 2024

Општина Виница ги награди најдобрите ученици кои го завршија средното образование

Општина Виница ги награди најдобрите ученици кои го завршија средното образование

Виница, 11 јуни 2024 (МИА) – Општина Виница им додели признанија и вредносни ваучери на најдобрите ученици од генерацијата 2020 – 2024 кои годинава го завршуваат средното образование.

Градоначалникот Миле Петков приреди прием за шест ученици од СОУ „Ванчо Прке“, кои во четирите години од школувањето покажале одличен успех, а имале и солидни постигнувања во другите вонучилишни активности.

- Лично ме радува фактот што имаме одлични ученици, кои и по завршувањето на средното училиште, ќе го продолжат своето образование. Тие веќе одбрале добри високошколски установи на универзитети во државата и странство, со што ќе имаат можност да се доизградат во зрели и едуцирани кадри. Финансиската поддршка што ја овозможуваме со издвојување од Буџетот на Општина Виница е минимален стимул во однос на трошоците што ги очекуваат. Сепал, верувам дека тоа ќе биде доволен поттик и мотив да не ја заборават поврзаноста со општината во која го добиле почетното образование и која ги очекува во иднина да го имплементираат своето знаење и умеење, истакна градоначалникот Петков.

Во единственото средно училиште во Виница годинава образованието го завршија вкупно 96 ученици. Тие следа настава во класична гимназија, како и во четири насоки во прехранбената, текстилната, машинската и сообраќајната струка. та/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан