• сабота, 22 февруари 2025

Кузеска: Одговорноста е кај Гаши и за Даути и за незакажување на седницата на Комисијата

Кузеска: Одговорноста е кај Гаши и за Даути и за незакажување на седницата на Комисијата

Скопје, 15 јануари 2025 (МИА) - Одговорноста е кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, и за Даути и за незакажувањето седница на Комисија, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Иако, како што истакна Кузеска, и беше изгласана недоверба на претседателката на Комисија за социјална политика, Илирие Даути, претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека тоа не е обврска за нејзино разрешување и дека нема правно дејство.

- СДСМ нема да навлегува во фарсата којашто во македонското Собрание ја прават Левица, ЗНАМ И ДПМНЕ. Без разлика на скриените мотиви на Левица, ЗНАМ и ДПМНЕ не може интерпелација да нема никаква правна последица. Целата одговорност и околу несвикувањето седница за Законот за бранители и сега по усвоената недоверба за Дауити е кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна Кузеска.

Сега откако е изгласана интерпелација, односно недоверба, како што посочи портпаролката на СДСМ, исто така одговорност на претседателот на Собранието е да соопшти што ќе преземе.

Интерпелацијата за претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демокграфија и млади, поднесена од пратеничката група на Левица, беше изгласана во петокот (10 јануари) по што Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши излезе со соопштение во кое наведе дека интерпелацијата нема правно-обврзувачки последици. 

Гаши вчера преку соопштение информира дека неговата улога како претседател завршила со процесот на интерпелација на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути. Како што наведува Гаши, прашањата за разрешувања или оставки се во надлежност на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците. 

- Како претседател на Собранието, мојата главна одговорност е да го почитувам и спроведувам Деловникот и процедурите на Собранието. Во овој контекст, интерпелацијата до претседателот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, г-ѓа Илире Даути, беше спроведена во целосна согласност со Деловникот, законите и Уставот. Важно е да се напомене дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како Претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци. Прашањата како што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците, вели Гаши.

Нагласува дека до него досега не е пристигнато официјално известување за оставка од ниту еден претседател на Комисија. 

- Од процедурална гледна точка, ова прашање е решено. Секое друго толкување освен ова е едноставно политичка реторика за дневна употреба и нема никаква правна основа, во која јас како претседател на Собранието нема да учествувам, вели Гаши. дма/аа/

Фото: СДСМ

 

Остани поврзан