• недела, 22 декември 2024

Општина Аеродром: Град Скопје и ЈСП го оставија Долно Лисиче без градски превоз, бараме веднаш да се пушти автобус

Општина Аеродром: Град Скопје и ЈСП го оставија Долно Лисиче без градски превоз, бараме веднаш да се пушти автобус

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) - Општина Аеродром денеска упати реакција на одлуката да се укине единствената линија со број „33“ што го поврзува Долно Лисиче со останатиот дел од Аеродром и бараат веднаш да се изнајде решение и да се пушти автобус на оваа и онака ретка линија.

- Остро реагираме на одлуката да се укине единствената линија со број „33“ што го поврзува Долно Лисиче со останатиот дел од Аеродром, поради, како што велат од Град Скопје во демант до медиумите, техничка неисправност на автобусот. Оттаму тврдат дека ЈСП има средства за регистрација на возилото, но тоа е исклучено од сообраќање поради неисправност. Нас како Општина, но и граѓаните на Долно Лисиче не нè интересираат причините за прекинот на градскиот превоз до овој дел од Аеродром, и не планираме да навлегуваме во работата на Градот и на ЈСП, туку бараме веднаш да се изнајде решение и да се пушти автобус на оваа и онака ретка линија, стои во реакцијата од Општина Аеродром.

Додаваат дека ова е само уште еден во низата факти кои укажуваат дека Град Скопје е во тотален колапс, за што цената ја плаќаат сите наши граѓани.

- Град Скопје и ЈСП поради својата неспособност ги оставија жителите на Долно Лисиче без градски превоз, а за тоа се правдаат со некакви причини, кои да не беше трагична целата оваа ситуација, ќе ги оценевме како смешни и инфантилни, реагираат од Општина Аеродром. цр/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан