• недела, 22 декември 2024

ООН: Ситуацијата во Појасот Газа е „повеќе од катастрофална“

ООН: Ситуацијата во Појасот Газа е „повеќе од катастрофална“

Њујорк, 6 септември 2024 (МИА) - Повеќе од милион луѓе во јужниот и централниот дел на Газа не добија ниту еден оброк во август преку хуманитарна помош, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.

- И покрај предизвиците со кои се соочуваме, ОН и другите хуманитарни организации продолжуваат да прават се што е можно за да им обезбедат на Палестинците потребната помош за да преживеат, рече тој.

Помеѓу 19 август и крајот на месецот, 450.000 готвени оброци подготвени во 130 кујни секојдневно се доставуваа до семејствата низ Појасот Газа.

– Вреди да се повтори дека хуманитарната ситуација во Газа се уште е повеќе од катастрофална и дека сè уште ги немаме сите услови неопходни за да ги поддржиме луѓето дури и блиску до степенот што навистина им е потребен, рече Дужарик.

Поради повеќекратните наредби за евакуација издадени од израелските безбедносни сили, 70 кујни мораа да престанат со работа или да се преселат.

Втор месец по ред се чини дека нема да има доволно залихи за задоволување на потребите, што значи дека семејствата во централна и јужна Газа ќе добијат само еден пакет со храна.

Дужарик додаде дека по 11 месеци војна, на меѓународните медиуми сè уште им е забрането да влезат во Газа за да известуваат за хуманитарните последици.

На Западниот Брег, израелските сили продолжуваат да „користат смртоносни воени тактики“, рече Дужарик, цитирајќи извештаи од организацијата за итна помош на ОН OCHA.

- Медицинските установи се практично под опсада повеќе од една недела, со строги ограничувања за движење на возилата на брзата помош и медицинскиот персонал, рече тој.

„OCHA исто така предупредува дека ова ги продлабочува хуманитарните потреби на луѓето, како и несигурноста и предизвикува загриженост за прекумерната употреба на сила.

Израел блокираше и бомбардираше големи делови од Појасот Газа во војната што започна откако палестинската милитантна група Хамас започна невидени напади врз Израел на 7 октомври во кои загинаа повеќе од 1.200 луѓе.

Според здравствените власти во Газа, под контрола на Хамас, повеќе од 40.000 луѓе се убиени на палестинска територија од почетокот на војната. ссм/

фото: архива

Остани поврзан