Одново пуштен во употреба мостот пред Солун на автопатот од Атина
- По речиси 14 месеци реконструкција, мостот на реката Вардар (Аксиос) во Грција на автопатот Атина-Солун денеска беше пуштен во употреба, со што ќе се нормализира сообраќајот кај патарината Малгара кусо пред влезот во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 24 март 2025 (МИА) – По речиси 14 месеци реконструкција, мостот на реката Вардар (Аксиос) во Грција на автопатот Атина-Солун денеска беше пуштен во употреба, со што ќе се нормализира сообраќајот кај патарината Малгара кусо пред влезот во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за мост што е дел од автопатот во правец кон Солун од Атина и кусо пред влезот во градот, но и онаму каде што се дели патот во правец кон граничниот премин Евзони (Богородица) со нашата земја.
Во периодот од над една година додека траеше реконструкцијата на мостот возилата се пренасочуваа, а доста често, особено во летниот период, имаше редици, со оглед на тоа што овој дел од автопатот го користат и туристите кои се враќаат од областа Пиерија и летните дестинации кај Катерини, односно Неи Пори, Паралија, Платамона и сл.
Министерот за инфраструктура и транспорт на Грција Христос Димас рече дека работите во изминатата година главно се однесуваа на зајакнувањето на структурната издржливост на мостот, а „со функционирањето на мостот на Аксиос се воспоставува непречен сообраќај на возила кон Солун“.
Со пуштањето во употреба на мостот, ќе работи и патарината Малгара во правец од Атина кон Солун, а цената е 90 центи. ср/аг/
Фото: Министерство за инфраструктура и транспорт на Грција