• четврток, 19 декември 2024

Објавени повиците на МОН за финансиска поддршка на ученици и студенти

Објавени повиците на МОН за финансиска поддршка на ученици и студенти

Скопје, 5 април 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука денеска го објави повикот за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари и повикот за финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање за академската 2023/24 година.

Двата јавни повика се дел од пакетот антикризни мерки т.е. врз основа на Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани и траат седум дена од објавувањето односно до 12 април 2024. 

За повикот за ученици, кандидатите треба да се пријават во училиштето во кое ученикот е запишан, а за вториот повик кој се однесува на студенти, кандидатите треба да се пријават електронски, на линкот https://e-uslugi.mon.gov.mk 

Во двата повика се наведени документите потребни за аплицирање и детали за начинот на пријавување.

Ресорниот министер Јетон Шаќири пред две недели во одговор на новинарско прашање за доцнењето на исплатата рече дека таа се реализира за училиштата со точно изработени податоци. Најави дека по исплатата за декември и јануари, за наредните месеци ќе тече полесно зашто веќе ќе ги имаат од општините списоците со матични броеви и трансакциски сметки. 

-Бидејќи ќе имаме точна бројка со точни податоци, за сите ученици. Многу од податоците кои доаѓаат од различни општини, различни училишта, имаат потреба за доработка, рече Шаќири на 21 март. хс/нд/

Фото: МИА архива 

 

                                                                

Остани поврзан