• вторник, 30 април 2024

Обука за финансирање на бизнисот на жените претприемачи во Кочани

Обука за финансирање на бизнисот на жените претприемачи во Кочани

Кочани, 30 мај 2023 (МИА) – Здружението на бизнис жени денеска во Кочани реализираше обука за жени претприемачи од Источниот регион, во рамки на локалните активности на Националната платформа за женско претприемништво.

Обуката на тема ,,Финансирање на бизнис и пристап до финансии“ се спроведе со целна група од дваесетина жени кои почнуваат или веќе имаат развиено сопствен бизнис, без разлика дали е дел од производствената, услужната, трговската, занаетчиската, земјоделската или друга дејност.

-Статистичките податоци покажуваат дека само околку една петина од целото претприемништво го водат жени, а тоа пред сè се микро компании или жени кои работат во занаетчиство или земјоделство. Ова е втора обука што се одржува кај нас, а идејата е да ги зајакнеме постојните, но и да им помогнеме на потенцијалните жени претприемачки за прашања и теми што се од важност за успешно одржување на нивните бизнис идеи и потфати. Намерата е на оние што веќе се навлезени во претприемништвото да им овозможиме да растат и да се прошируваат, а останатите кои имаат план и визија, но им недостига храброст, да им помогнеме да почнат сопствен бизнис и полесно да ги надминат почетните потешкотии, истакна Ирена Мирчовска, координаторка на Националната платформа за женско претприемништво за Источниот регион.

Низ практични примери, на обуката во Кочани беа објаснети најчестите финансиски и правни пречки при почнувањето сопствен бизнис, но и грешките што ги прават малите претприемачи при обезбедувањето одржливост и стабилност во финансиското работење. До крајот на проектот планирани се уште три обуки на кои ќе се разработуваат и други аспекти за унапредување на женското претрпиемништво во регионот.

Обуките во рамки на Националната програма за женско прептиемништво се разлизираат со финансиска поддршка од ЕУ, а во соработка со Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР) и Сојузот на Стопански комори на Македонија.та/

Фото: ДАФ плакат

Остани поврзан