Нов пожар во Лос Анџелес: „Хјуз“ предизвика евакуација на 50.000 луѓе
- Пожарот започнал во среда наутро по локално време и досега уништи 9.400 акри земја, без да биде ставен под контрола, соопшти Калифорниската служба за шумарство и заштита од пожари (CAL Fire).
Лос Анџелес, 23 јануари 2025 (МИА) - Неколку дена по катастрофалните пожари што доведоа до големи разорувања во Лос Анџелес, Калифорнија, новиот пожар, наречен „Хјуз“, предизвика наредби за евакуација или предупредувања за над 50.000 луѓе во оваа американска сојузна држава.
Пожарот започнал во среда наутро по локално време и досега уништи 9.400 акри земја, без да биде ставен под контрола, соопшти Калифорниската служба за шумарство и заштита од пожари (CAL Fire).
Големи облаци темен чад се евидентирани во близина на езерото Кастејк, популарна област за рекреација во северозападниот дел на Лос Анџелес, која се наоѓа околу 40 километри од пожарите Итон и Палисејдс, кои горат веќе три недели.
Според податоците на CAL Fire, пожарот Палисејдс досега уништил 23.448 акри земја и е под 68 проценти контрола, додека пожарот Итон, кој зафати 14.021 акри, е под 91 проценти контрола.
Покрај тоа, пожарот „Лилак“ во Сан Диего е под 95 проценти контрола, додека 45 проценти од пожарот „Клеј“ во Риверсајд се веќе ставени под контрола.
На синоќешната прес-конференција, директорот на CAL Fire, Џо Тајлер, изјави: „Овој пожар (‘Хјуз’) денеска доби силен одговор, и како што можете да видите зад нас, тимовите прават одлична работа за да го стават под контрола“. - Сепак, сè уште не сме надвор од опасност, додаде Тајлер.
Според податоците на CAL Fire, уште еден пожар, наречен „Центар“, избувнал во округот Сан Диего истиот ден како и „Хјуз“. Досега, овој пожар зафатил 4 акри земја.
Во меѓувреме, шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, изјави дека над 31.000 луѓе добиле наредби за евакуација, додека дополнителни 23.000 се под предупредувања за евакуација.
Началникот на противпожарната служба на округот Лос Анџелес, Ентони Мароне, изјави дека пожарот е тешко да се контролира, но пожарникарите успеваат да напредуваат во битката.
- Бидејќи ветерот не беше толку силен како пред две недели, воздушните екипи успеаја да исфрлат десетици илјади литри средства за гаснење пожари на јужната страна од пожарот, каде што се ширеа пламените, изјави Мароне.
Националната метеоролошка служба (NWS) соопшти дека ветровите во областа, кои моментално дуваат со брзина од 67,6 километри на час, се очекува да се засилат до 96,6 километри на час до доцна вечер и четврток.
„Засилените крајбрежни ветрови и ниската влажност ќе резултираат со постојани критични временски услови за пожар во делови од Јужна Калифорнија до четврток“, се вели во објавата на NWS на Икс.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, предупреди дека ветерот може да ги разнесе пепелта и токсините од изгорените подрачја, советувајќи ги граѓаните да ја посетат градската веб-страница за совети како да се заштитат од токсичниот воздух.
Директорката на јавното здравство на округот Лос Анџелес, Барбара Ферер, издаде предупредување дека пепелта може да содржи тешки метали, арсен и други штетни материјали. - Дури и кратко изложување може да предизвика иритација на кожата и да доведе до сериозни здравствени проблеми, рече Ферер, советувајќи ги луѓето да носат заштитна опрема за време на чистењето. ссм/
фото: ЕПА