• недела, 24 ноември 2024

Нови експонати во Музејот во Демир Капија од лозаровинарската традиција во регионот 

Нови експонати во Музејот во Демир Капија од лозаровинарската традиција во регионот 

Демир Капија, 21 мај 2024 (МИА) - Нови експонати што говорат за долгогодишната лозаровинарска традиција во демиркаписко, се дел од Музејот во Демир Капија. Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог, појасни за МИА дека се откупени дополнителни етнолошки предмети од локално население, со цел збогатување на музејската винска галерија. Таа подвлече дека со ова е реализиран првиот од четирите проекти од национален интерес, што годинава се целосно финансиски поддржани од Министерството за култура. 

- Музејот ја продолжува својата активност во насока на реализација на проекти, што во голема мера ќе допринесат кон квалитативно збогатување на содржините и ќе го доближат културното наследство од регионот на Демир Капија, поблиску до посетителите. Целта е со прибавување на предмети што се поврзани со винската конзумна култура, да се прикаже долгата и вековна традиција на производство на вино од регионот на Демир Капија, начинот на заштита на виновата лоза, садови за варење на маџун и слично, истакна Тодоровска Митрева. 

Таа појасни дека откупени се предмети од локално семејство од Демир Капија. 

- Долги години наназад, тие претставувале семеен имот. Се користеле за сопствени потреби при обработка и заштита на виновата лоза, за печење ракија и за варење маџун. Се работи за  предмети кои денес не се веќе во употреба, нивното место е заменето со многу помодерни, побрзи и пософистицирани  алатки. Сега се потсетник на минатото, во смисла на една традиција пропратена со ритуали и  локална егзотика, неповторливо  доживување на семејната  лозаровинарска приказна, како трага на времето, не само во овој регион, туку и секаде во Македонија каде што се одгледува виновата лоза, нагласи Тодоровска Митрева. 

Откупени се една бакарна аранија во која со варење на грозјето се приготвувал  најслаткиот и најздравиот напиток, маџунот, надалеку познат како еликсир за оздравување и исцелување на телото, традиционална маказа за кроење на виновата лоза, грбна пумпа за заштита на виновата лоза целосно сочувана со сите нејзини елементи, како и  горен дел од статичен казан за варење ракија изработен од печена глина, преку кој се одвива хемискиот процес на создавање на лозова ракија,  како еден од традиционално најпознатите жестоки пијалоци на овие простори. свд/дма/


Фото : Музеј Демир Капија 

Остани поврзан