• вторник, 05 ноември 2024

Новиот скап проект на Френсис Форд Копола добива негативни критики

Новиот скап проект на Френсис Форд Копола добива негативни критики

Лос Анџелес, 20 мај 2024 (МИА) - Самофинансираната научно-фантастична сага на Френсис Форд Копола, „Мегалополис“ имаше премиера на Канскиот филмски фестивал оваа недела, па избрана група новинари и критичари од повеќе краишта на светот имаа можност меѓу првите да го погледнат проектот којшто легендарниот режисер помина речиси половина век во изработка.

Филмот официјално е опишан како „римски еп и бајка сместена во замислена модерна Америка“ со алтенативна историја и сегашност. Во него глумат Адам Драјвер, Обри Плаза, Шаја Лабјуф, Џон Војт, Лоренс Фишбурн, како и внуката на Копола - Роми Марс, ќерка на режисерката Софија Копола. По прикажувањето, „Мегалополис“ доби 52 отсто позитивни критики на „Ротен томатос“ од врз основа на оценки од 42 критичари, што значи вкупна негативна оценка засега (за да добие позитивна оценка, повеќе од 60 отсто од критиките треба да бидат позитивни). 

„'Мегалополис' е тврд, сериозен, претерано управуван со ефекти и целосно хаотичен“, напиша Естер Цукерман во својата рецензија за филмот за „Дејли Бист”.

Критичарот на „Гардијан“, Питер Бредшо, пак, го нарече филмот - „мега-надуен и мега-досаден“, а критичарката Џесика Кијанг го опиша на „X“ како „лудост толку голема, што се чувствувате како да го гледате вистинскиот пад на Рим“.

Режисерот верува дека филмот „не игра според сегашните холивудски правила“, како што тој изјави за „Ер мејл“.

- Ако го погледнете секој ваков негативен или мешан напис, тоа е секогаш нешто што доаѓа од непознат извор. Навистина чувствувам дека е неоправдано да се напаѓа филм затоа што тој не игра според сегашните холивудски правила, повикувајќи се на неименувани извори кои веројатно не биле на проекцијата или можеби не постојат. Тоа е бесмислена работа. Ќе си речете, зошто некој би сакал да не навива за ‘Мегалополис’? против режисер кој ги користи сопствените пари за да финансира амбициозен филм? Е па, има многу такви луѓе, изјави Копола.

Сепак, некои критичари го пофалија филмот. Меѓу нив се Дејвид Џенкинс од „Литл вајт Лајс“ и Дејмон Вајс од „Дедлајн“.

Режисерот на „Кум“ вложил 120 милиони долари свои парични средства во новиот филм.

Неколку дена пред премиерата на филмот, „Гардијан“ објави дека на снимањето на филмот, наводно според неколку членови на екипата, имало несоодветното однесување на Копола - жени кои седат во неговиот скут, статисти без соодветна горна облека итн. Како одговор на обвинувањата, Дарен Деметр - извршен копродуцент на филмот, рече дека „никогаш не слушнал за какви било поплаки за вознемирување или недолично однесување“ за време на проектот.  си/

Фото: ЕПА

Остани поврзан