• четврток, 20 февруари 2025

Нова иницијатива на Макрон: Париз денеска домаќин на уште еден состанок за Украина

Нова иницијатива на Макрон: Париз денеска домаќин на уште еден состанок за Украина

Париз, 19 февруари 2025 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека денеска организира уште еден состанок со претставници на „неколку европски и неевропски држави“ за Украина. Ова следи по средбата во понеделникот, на која учествуваа мал број клучни земји, како и лидерите на Европската Унија (ЕУ) и НАТО.

Според француски дипломатски извори, меѓу учесниците се шефови на држави и влади од Грција, Финска, Романија, Шведска, Белгија, Чешка, балтичките земји, Норвешка и Канада, а некои лидери ќе се приклучат преку видео врска, вклучително и грчкиот премиер. Се очекува Макрон да се консултира со сите лидери на ЕУ до крајот на неделата.

Во интервју за неколку француски регионални медиуми, Макрон оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп може „да иницира корисен дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, но истовремено создава стратешка двосмисленост, што му овозможува на Путин да ја искористи неизвесноста за вршење притисок“.

Францускиот претседател истакна дека е подготвен да разговара со Путин „кога ќе биде соодветно време во рамките на идните преговори“.

- Во овој момент, Европа не е способна да ја обезбеди својата одбрана без САД. Денес ова е уште поизразено отколку пред три години. Мораме да го забрзаме процесот и во наредните три до пет години да преземеме конкретни чекори. Главен приоритет на САД е Кина, додека Русија претставува егзистенцијална закана за Европа, изјави Макрон за регионалните медиуми, меѓу кои Депеш (La Dépêche) и Паризијен (Le Parisien).

Тој додаде дека Франција не се подготвува да испрати копнени сили на украинскиот фронт.

Како можност за обезбедување безбедносни гаранции за Киев во рамките на потенцијален мировен договор со Москва, Макрон спомена испраќање воени експерти или ограничен број сили кои би биле надвор од зоните на конфликт, со цел да се зајакне довербата кај украинските власти.

Исто така, откри дека Франција и Велика Британија разгледуваат договор за солидарност со Украина, кој би овозможил испраќање експерти или ограничени контингенти сили. Друга можност што ја спомена е воспоставување мировна мисија под мандат на ОН долж линијата на фронтот. ссм/

фото: архива

Остани поврзан