• петок, 22 ноември 2024

Нискиот опфат со МРП-вакцината е ризик од епидемија на мали сипаници, предупредуваат лекарите

Нискиот опфат со МРП-вакцината е ризик од епидемија на мали сипаници, предупредуваат лекарите

Скопје, 3 февруари 2023 (МИА) - Во земјава во изминатите три години нема регистрирани случаи на мали сипаници. Последните случаи се регистрирани во 2019 година. Но, во 2020 и 2021 година се бележи намалување на опфатот со МРП-вакцината што, според лекарите, претставува ризик од епидемија со мали сипаници. Апелираат граѓаните да ги вакцинираат децата бидејќи, како што нагласуваат здравствените лица, вакцината е единствената заштита од ширење на заразни болести и развој на тешки клинички слики.

Примариус доктор Гордана Кузмановска, раководител на Секторот за контрола и превенција на заразни болести во Институтот за јавно здравје, вели дека потврдени случаи на мали сипаници во државата не се регистрирани од 2019 година. 

- Последните случаи на мали сипаници се регистрирани во текот на епидемијата на мали сипаници од 2018-2019 година, односно во последните 10 години, најголем број на случаи се регистрирани во текот на 2019 година, со 1.819 случаи. Најголем број од нив се пријавени во Скопје, Куманово, Тетово и Струга. Во текот на епидемијата се регистрирани четири смртни случаи кај деца од 5-13 месеци, вели Кузмановска во изјава за МИА.

Нискиот опфат со МРП-вакцината, која ја содржи компонентата против мали сипаници, во изминатите две години, според Кузмановска, доведува до акумулација на осетлива популација, што го зголемува ризикот од појава на епидемија на мали сипаници.

Нагласува дека за заболување како малите сипаници за кое постои безбедна вакцина, прва и основна превентивна мерка е вакцинацијата. 

- Во случај на појава на епидемија, се спроведува вонредна вакцинација за вакцинирање на сите невакцинирани деца во земјата, со цел спречување на понатамошно ширење на епидемијата. Доколку се појават случаи на мали сипаници, нашата земја е подготвена соодветно да реагира, нагласува Кузмановска.

Малите сипаници претставуваат закана заради можните компликации што може да се јават во текот на заболувањето. Најчести компликации на малите сипаници се воспаление на средното уво и дијареа, а посериозни компликации се пневмонија - воспаление на белите дробови и енцефалитис - оток и воспаление на мозокот.

- Енцефалит може да се развие кај 1/1.000-2.000 случаи и да доведе до конвулзии, да предизвика губење на слухот или да предизвика интелектуална попреченост. Смртниот исход се јавува кај 1-3 на 1.000 заболени случаи. Субакутен склерозирачки паненцефалитис е ретко, 1/100.000, но фатално дегенеративно заболување на централниот нервен систем, предизвикано од инфекција со вирусот на мали сипаници стекната порано во животот. Генерално се развива 7-10 години по прележување на малите сипаници, иако се чини дека лицето комплетно се опоравило од болеста. Најпогодени се децата кои имале мали сипаници под двегодишна возраст, појаснува Кузмановска.

Под осетлива популација или ризични категории се сметаат децата под петгодишна возраст, возрасните над 20 години, бремените жени и лицата со компромитиран имунитет.

Опфатот со МРП-вакцина понизок од препорачаниот

Во 2019 година, опфатот со МРП бил над 93 отсто и за прва и за втора доза.

-Таа година заради епидемијата на мали сипаници, како противепидемиска мерка беше спроведена вакцинација на пропуштените деца од претходните генерации, и за прва и за втора доза, и беа аплицирани над 50.000 дози на вакцини, што резултираше со запирање на епидемијата. Последните две пандемиски години, 2020 и 2021 година, се бележи намалување на опфатот со МРП-вакцината. Во 2020 година, опфатот со МРП изнесува 63 отсто за прва доза и за 68,5 проценти, втора доза. Но, во 2021 година, опфатот се зголеми и изнесува 70,4 отсто за прва и 80,4 проценти за втора доза, но сѐ уште е понизок од препорачаниот, децидна е Кузмановска.

Вакцината против мали сипаници се дава со комбинирана МРП - мали сипаници, рубеола-црвенка, паротит-заразни заушки, вакцина, во две дози. Првата доза се дава со навршени 12 месеци, а ревакцинацијата е на шест години, односно при започнување на основното образование. Децата кои ја пропуштиле редовната вакцинација, може да се вакцинираат до 14-годишна возраст.

Нискиот опфат на вакцинација според информациите од вакциналните пунктови, како што посочува Кузмановска, се должи на антивакциналното расположение кај населението и недоволната едукација од опасност што ја носи ова заболување. 

-Согласно информациите добиени од здравствените работници од вакциналните пунктови во здравствените домови, намалениот опфат со МРП-вакцината, главно се должи на антивакцинално расположение кај населението, односно одложување на имунизацијата поради „поврзаност со аутизам“ по нивно мислење, давање насоки за одложување на МРП-вакцинација од страна на матични лекари и педијатри и недоволна едукација кај здравствените работници, персоналот - негувателки во градинки и родителите, населението за составот и придобивките на вакцината и опасноста од вирусот на мали сипаници, вели Кузмановска.

Да се врати довербата во здравството за да се зголеми опфатот на вакцинација

Доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, вели дека досега во нејзината ординација нема регистрирано случај на морбили. Смета дека нема место за паника бидејќи има доволен број на матични лекари со големо искуство. 

-Но, во ноември и пола од декември, имавме многу случаи на варичела кај деца и возрасни, кои досега не ја прележале. Матичните доктори уредно ја пријавуваа и ја контролираа целата ситуација, бидејќи сите сипаници постоеле и ќе постојат. Никогаш не сум за правење паники меѓу народот за одредена болест или патологија. Сите ние кои сме одлучиле да бидеме доктори, сами сме ја избрале професијата и за која било болест сме положиле Хипократова заклетва, дека ќе ја третираме и соодветно лекуваме. Нема потреба од паники. Имаме доволен број на матични доктори, со големо искуство и секоја ситуација ако ја забележат, ќе ја пријават навреме. Имаме и инфективни одделенија, кои сега за сега функционираат, но, мора да се доопремат со кадар, смета Чолакова-Дервишова.

Уверува дека вакцината е безбедна и дека со неа со години се вакцинираат децата, но смета дека е потребно да се врати довербата во здравството за да се зголеми опфатот на вакцинирани деца. 

  • На тоа треба сите да работиме. Да се внесуваат квалитетни, проверени вакцини, да се знае нивниот состав и да се тестирани најмалку десет години наназад. Сѐ друго, ако не се запази каков било протокол, е веќе сомнително по здравјето на нашите деца и народот. Науката има протоколи кои треба да се почитуваат, истакна Чолакова Дервишова.

Со цел подобра заштита од високо заразните морбили, од почетокот на март 2020 година, вакцинирањето е задолжително за деца во градинки и училишта во земјата

И директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ предупредува дека се додека опаѓа процентот на редовно вакцинирани лица со морбили постои ризик од развој на болеста во епидемиски размер.

- Тој ризик се зголемува, со фактот дека во регионот се појавува зголемување на бројот на заболени од морбили. Затоа апелирам родителите и граѓаните да се придржуваат до редовниот систем за вакцинација. Вакцинацијата е единствена заштита од ширење на заразни болести и развој на тешки клинички слики, потенцира Стевановиќ.

Соседна Србија во јануари евидентираше зголемен број на лица заболени од мали сипаници. Најголем дел од заболените, како што пренесоа српските медиуми, не биле вакцинирани. 

Блаже Дарудов

Остани поврзан