• вторник, 22 октомври 2024

Николоски - Стилинидис: Регионалниот развој зависи од владите, Македонија подготвена за реализација на крупни инфраструктурни проекти

Николоски - Стилинидис: Регионалниот развој зависи од владите, Македонија подготвена за реализација на крупни инфраструктурни проекти

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска претстојува во работна посета во Солун каде што оствари билатерална средба со Христос Стилинидис, министер за поморски работи и островска политка на Грција.
 
На средбата, која е прва меѓу двајцата министри,  како што соопшти Министерство за транспорт, се разговарало за економската соработка меѓу двете земји.
 
Министерот Николоски ја истакнал силната заложба на Владата за економски развој на регионот преку учество во заеднички проекти, притоа потенцирајќи ја потребата од квалитено инфраструктурно поврзување.


 Во духот на добрососедските односи а имајќи предвид дека регионалната соработка зависи од двете Влади, министерот Николоски изразил уверување „дека Македонија е подготвена да учестува во реализација на проекти со кои ќе се зацврсти конкурентската позиција на европските коридори“.
 
На средбата Николоски истакнал дека „голем дел од извозно ориентирани компании од Македонија соработуваат со солунското пристаништа со што се отвора потребата за поквалитетно поврзување и побрз транспорт на добрата и услугите“.
 
Двајцата министри се согласиле дека ова е почетна точка во идната соработка меѓу двете Влади, со што изразиле уверување дека постои огромен простор за зголемување на економската соработка во различни дејности.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од Министерството за поморство и островска политика на Грција соопштија дека на средбата Стилианидис-Николоски, која била на иницијатива на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт акцентот бил ставен на темите поврзани со пристаништата.

Стилианидис посочил дека развојот на Грција и Солун е во интерес и на Северна Македонија и во тој контекст додал дека „тоа е основата на нашиот соживот и многу е важно тоа да се согледа“.

- Затоа ќе се стремиме да ги затвориме сите проблеми за да продолжиме напред, со цел да им помогнеме на нашите народи да го надградат својот просперитет и да бидеме регион на кој остатокот од светот ќе гледа како регион на стабилност што може да ги искористи своите предности, рекол Стилианидис на средбата, како што соопштија од неговиот кабинет.

 
Министерот Николоски во рамки на работната посета на Солун, учествува на  Форумот посветен за развојот на инфраструктурата и поврзување со Југоисточна Европа. дма/ср/

Фото: Министерство за транспорт

 



Остани поврзан