Нема ставка во буџетот на Општина Тетово за финансирање на нова академија за науки
- Советот на Општина Тетово во рамки на денешната 43-тата седница го усвои буџетот за 2025 година кој ќе изнесува 49,3 милиони евра.
Тетово, 30 декември 2024 (МИА) - Советот на Општина Тетово во рамки на денешната 43-тата седница го усвои буџетот за 2025 година кој ќе изнесува 49,3 милиони евра.
Буџетот беше изгласан од 27 од вкупно 31 советник, а пред гласањето ниту еден од советниците не се јави да дебатира за оваа точка на дневен ред.
Новинарските прашања до претставниците на локалната власт денес беа насочени кон тоа дали ќе се одвојат буџетски средства за здружението на граѓани кое сака да се формира албанска академија на науки и уметности, што во неколку наврати беше најавувано од градоначалникот Биљал Касами.
Тој рече дека стојат за таа преземена обврска, но и дека тоа не е прашање на буџетот кој беше усвоен.
- Што се однесува за албанската академија сигурно дека ние како општина Тетово, согласно нашите преземени обврски ќе стоиме на тоа, а ќе бидеме понатаму во договор со нив како ќе се реализира. Значи не е тоа прашање на буџетот кој беше усвоен денеска. Реков значи дека тоа е прашање на поддршка која ние веќе сме се договориле и ќе видиме како ќе се реализира, изјави Касами.
Советниците од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ гласаа против програмата за култура предвидена за финансирање со буџетот, каде се предвидени речиси 13 милиони денари.
Глигорије Стојановски, советник од СДСМ рече дека се прави обид да одвојат средства за таканаречена албанска академија.
-На денешната седница на Советот на општина Тетово градоначалникот Касами, коалицискиот партнер на ДПМНЕ, сака да протурка одлука за одвојување 40.000 евра за формирање на паралелна институција таканаречена албанска академија на науките. Советниците од СДСМ Тетово категорично се против одвојување пари на граѓаните на Тетово за формирање на паралелни институции кои наместо да служат за интересите на граѓаните, поттикнуваат поделби и создаваат тензи. Науката ниту треба да се партизира ниту да се етнизира и злоупотребува во дневно политички цели и потреби како што тоа сака да се направи, изјави Стојановски.
Ангел Карапетров, координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, вели дека имаат направено подетална анализа на буџетот и програмите при што констатирале дека такви средства не се предвидени.
- Затоа дадовме поддршка на буџетот но видовте дека сите советници го поддржаа буџетот за 2025 година. Програмата за културата не ја гласавме затоа што видовме дека таму се предвидени 13 милиони денари односно 215.000 евра но проектите се општи. Сакаме значи да се почитува соодветната и правична застапеност на проектите во општина Тетово. Не сметаме дека од овој буџет може да се издвои за Албанската Академија, вели Карапетров. ас/лв/
фото МИА