На 8 ноември шефот на турската дипломатија Фидан во посета на Атина
- Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис на 8 ноември во Атина ќе го прими министерот за надворешни работи на Турција Хакан Фидан, брифираа утрово грчки дипломатски извори, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 15 октомври 2024 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис на 8 ноември во Атина ќе го прими министерот за надворешни работи на Турција Хакан Фидан, брифираа утрово грчки дипломатски извори, јави дописничката на МИА од Атина.
Последната средба на Герапетритис и Фидан беше на крајот на август во Брисел на маргините на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ и разговараа за односите на Турција со Унијата и со Грција.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средбата во Њујорк на маргините на Генерално собрание на ОН пред 20 дена се договорија да ги задолжат шефовите на двете дипломатии Герапетритис и Фидан да започнат подготовки за свикување на следниот Висок совет за соработка Грција-Турција, што ќе се одржи во Анкара во јануари 2025 година, врз основа на Атинската декларација потпишана минатата година во Атина. ср/