• петок, 26 април 2024

На собирот на афористичарите „АФКО 2023“ во Кочани доделени наградите за најдобрите домашни афоризми

На собирот на афористичарите „АФКО 2023“ во Кочани доделени наградите за најдобрите домашни афоризми

Кочани, 1 април 2023 (МИА) – На локалитетот „Кај Дабот“ близу Кочани денеска се одржа 11. собир на афористичарите „АФКО 2023“, на кој беа прогласени најдобрите автори и беа доделени наградите за најдобриот македонски афоризам.

Организатор на настанот беше здружението Афористичка репрезентација на Македонија (АРМ), а конкурсот на тема „Доверба“ предизвикал голем интерес и за учество се пријавиле 24 автори, двојно повеќе од лани. Дел од нив испратиле поголем број творби од потребното, поради што жири комисијата немаше лесна задача да ги избере најдобрите.

-Првата награда годинава ја доби Ацо Ѓорѓиев од Струмица, второнаграден е неговиот сограѓанин Ристо Филчевски, а третата награда ѝ е доделена на Ружа Стојмилова од Кочани. Највисоки оценки од жирито, после наградените, добија афоризмите на Љубинка Донева, Тања Аждаја – Павлеска и Марјан Анѓеловски, за што тие добија пофалници. На конкурсот пристигнаа вкупно 27 пратки со сетови од по 10 афоризми. Двајца автори се изјаснија дека учествуваат вон конкуренција и нивните афоризми не беа оценувани. Квалитетот на останатите афоризми кои се бореа за наградите варираше, но се издвои една прилично голема група автори кои заслужуваа да бидат наградени. Сепак, наградите за малку им побегнаа, па нека имаат среќа повеќе следната година, истакна Јане Атанасов, претседател на здружението АРМ.

Специјална плакета за особен придонес во развојот на хуморот и сатирата доби Миле Ѓорѓијоски од Делчево, а на собирот на македонските афористичари учествуваа и гости, нивни колеги од Србија. Во музичката програма настапи етноансамбл кој исполни изворни фолклорни ора од кочанскиот регион.

Во изминатите десет години манифестацијата во Кочани се одржуваше под називот „Вечер на македонскиот афоризам“, но по ограничувањата поради Ковид-пандемијата беше префрлена во дневен термин, а од годинава го промени и името во „АФКО“.

Финансиската поддршка за организирање на манифистацијата ја обезбедија Министерството за култура, Општина Кочани и локалните стопански субјекти. та/мс/

фото: МИА

Остани поврзан