• недела, 22 декември 2024

На Клиниката за хематологија отворен Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки

На Клиниката за хематологија отворен Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - На Универзитетската клиника за хематологија од денеска ќе биде пуштен во употреба новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки. Центарот има модерна медицинска опрема со која може да се третираат 120 нови пациенти годишно.

Сместен е на целосно нов кат на површина од 800 м2, и е донација од Амбасадата на САД, кои преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржаа изградбата со еден милион евра. Останатите средства се обезбедени од ФЗО со поддршка од Министерството за здравство и Владата.

Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис информираше дека станува збор за регионален Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки кој освен осигурениците на Северна Македонија, има капацитет да лекува и пациенти од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, земји каде што овие интервенции уште не се достапни.

-Ова е една од најважните инвестиции во јавното здравство во последните години. Со отворање на овој Центар за трансплатација на хематопоетски матични клетки, на нашата Клиника се воведуваат највисоки светски стандарди за лекување на една од најтешките хематолошки заболувања. Трансплантација на хематопоетски матични клетки претставува најсложена биолошка интервенција, при која клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки на здрав донор, со што може да се излекуваат најтешките малигни хематолошки заболувања, рече Пановска Ставридис за време на свеченото отворање на Центарот.

Како што посочи, за потребите на овој Центар се планираат и 30 нови вработувања на медицински кадар.

Таа информираше дека од 2018 година до денес извршени се вкупно 320 трансплантации. Од денес, посочи, оваа бројка очекуваат да се зголеми за двојно повеќе трансплантации во следните неколку години.

Министерот за здравство Фатмир Меџити во своето обраќање рече дека годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од земјава и10 до 15 лица од соседните земји, кои до сега установата немала простор и капацитет да ги прифати.

-Со оваа значајна инвестиција го означуваме почетокот на работа на ова ново Одделение, со што за пациентите обезбедуваме услови за лекување како што нудат најсовремените центри од ваков вид во светот. Новиот капацитет заедно со поставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, овозможува Клиниката да служи не само на јавното здравство, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот, додаде Меџити.

Првиот заменик претседател на Владата Артан Груби рече дека приоритет на новата Влада по 8 мај треба да биде изградбата на новиот Клинички центар, затоа што, како што рече, тоа е еминентна потреба на граѓаните.

-Овој проект е потврда дека сѐ што добиваме од Русија се проблеми и провокации, а сѐ што добиваме од владата на Америка е поддршка за нашите европски аспирации, додаде Груби.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска посочи дека денешниот настан покажува дека сојузништвото и стратешкото партнерство со САД ги надминува сите граници и ја покажа својата хуманитарна димензија.

На новинарско прашање колку донори има во земјава и колкав е интересот, директорката Пановска Ставридис посочи дека ентузијазмот на нашите граѓани не е голем за да се запишат во  регистарот.

Таа информираше дека во Хрватска има околу 70 илјади, но во нашата држава има само пет илјади доброволни дарители.

-Мислам дека ни треба медиумска поддршка. Имаше кампања „Биди херој, биди срцевина“ и дури и во времето на ковид со медиумската помош оваа кампања одеше напред, меѓутоа таа мора да заживее. Апелирам до граѓаните да се запишуваат. Оваа година имавме две донации – македонски граѓани им спасија живот на македонки, кои не се знаеја меѓу себе и не беа роднини. Едната беше докторка, другата пациентка која што се пријавила за братот кој бил болен, за да ја типизираат. Меѓутоа, таа не била идентична со братот а испадна идентична со друг пациент. Тие два пациенти се во добра здравствена состојба, рече Пановска Ставридис.

Во однос на ова прашање, министерот Меџити посочи дека разговарал со неколку поглавари на верски заедници со цел подигнување на свеста за донирање.

- Ова ни е многу важно и затоа се надевам дека во иднина ќе ги повикаме сите поглавари на верските заедници заедно со новинарите и медиумите и ќе седнеме да разговараме како да ја подигнеме свеста на граѓаните и да се избориме, да спасиме живот преку ваков хуман чин, додаде Меџити. бт/бак/

Фото: МИА, МИА архива

 

Остани поврзан