• петок, 26 јули 2024
На денешен ден

22 мај 2024 (МИА)

 

337.- Починал римскиот цар Константин Први Велики, првиот римски цар кој дозволил слободно исповедање на христијанството. Тој е основачот на Константинопол (Цариград), новата престолнина на Царството.

1813.- Во Лајпциг е роден Рихард Вагнер, германски композитор, реформатор на операта и централна личност во нејзиниот развој во третата половина на 19. век. Негови најзначајни дела се „Тристан и Изолда“ и „Лоенгрин“. Умрел во Венеција, на 13 февруари 1883 година.

1819.- Парниот брод „Савана“, изграден во Џорџија, САД, пристигнал во Ливерпул, во Велика Британија. Тоа бил првиот параброд кој за само 25 денови го препловил Атлантикот.

1859.- Роден е англискиот писател Артур Конан Дојл, лекар по професија, кој се прославил како автор на криминалистичките романи и раскази во кои главните јунаци Шерлок Холмс и неговиот пријател д-р Вотсон се измислени. Дела: „Спомените на Шерлок Холмс“, „Белиот одред“, „Изгубениот свет“, „Големата бурска војна“, „Историја на британските походи во Франција и Фландрија“, „Историја на спиритуализмот“.

1885.- Во Париз умрел Виктор Иго, француски писател, основач на францускиот романтизам во 19 век. Негови најпознати дела се романите „Клетници“, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ и „Работници на море“. Роден бил во 1802 година.

1885.- Роден е водачот на италијанските социјалисти Џанџакомо Матеоти, кого во јуни 1924 го заробиле и убиле фашистите, по говорот кој го одржал претходниот ден во парламентот во кој документирано ги разобличил фашистичките методи и насилство на изборите.

1903.- Во селото Могила, Битолско, во борба против турската војска и полицијата загинал Андреја Петров Блажески - Расолкоски, познат како Дедо Андреја, македонски револуционер и војвода. Роден бил во Мало Црско, во средината на 19 век.

1907.- Роден е англискиот театарски и филмски актер, режисер и продуцент Лоренс Оливие, еден од најголемите толкувачи на ликови од делата на Вилијам Шекспир. Добитник бил на најголемиот број награди „Еми“ за ТВ-творештво, наградуван е на фестивалот во Кан, а добил Оскар за филмот „Хамлет“. Останати филмови: „Хенри Петти“, „Ричард Трети“, „Три сестри“, „Оркански висови“, „Ребека“, „Леди Хамилтон“, „Кери“, „Отело“, „Спартак“, „Картум“, Маратонец“...

1915.- Во најголемата железничка несреќа во британската историја, во судир на два воза во Шкотска, загинале 227 години.

1939.- Двајцата диктатори, водачот на германските нацисти Адолф Хитлер и водачот на италијанските фашисти Бенито Мусолини, го потпишале десетгодишниот „челичен пакт“ за политички и воен сојуз.

1943.- Во Москва било објавено распуштањето на Комунистичката интернационала, позната како Коминтерна, која беше основана во Москва во 1919 година.

1972.- Претседателот на САД Ричард Никсон допатувал во Москва како прв шеф на САД кој го посетил Советскиот Сојуз.

1972.- Цејлон го добил називот Шри Ланка. Овој ден се прославува како национален празник на Шри Ланка.

1979.- Официјално било верификувано основањето на битолскиот Универзитет.

1989.- Индија успешно ја испробала првата ракета „земја-земја“ со среден дострел, станувајќи една од малубројните држави која располага со балистички ракети.

1992.- Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина биле примени во Обединетите нации.

2003.- Советот за безбедност на Обединетите нации ја усвоил американската нацрт-резолуција со која после 12 години биле укинати строгите санкции против Ирак. Со Резолуцијата 1483 им биле дадени широки овластувања на САД и на Велика Британија во управувањето со Ирак и ирачката нафтена индустрија.

2004.- Шпанскиот престолонаследник принцот од Астурија Фелипе Бурбонски и поранешната најпопуларна шпанска телевизиска новинарка Летисија Ортис се венчале во Мадрид. Церемонијата на првото кралско венчавање на тлото на Шпанија после 98 години го обезбедувале исклучително подготвени сили на полицијата и војската, вклучувајќи и сили на НАТО.

2016.- Умрел Велимир Бата Живојиновиќ, југословенски и српски, телевизиски и филмски актер кој на филмското платно дебитирал во 1955 година во филмот „Песните од Кумбара“. Играл во повеќе од 280 филмови и телевизиски серии. Бил еден од родоначалниците на таканаречениот „Црн бран“ во југословенскиот филм, настанат на почетокот на шеесеттите години, во кои континуирано настапувал се до доцните седумдесетти години. Играл и во повеќе таканаречени партизански филмови во кои се прослави за време на 60-те и 70-те, а еден од нив е „Валтер го брани Сараево“, кој му донесол голема популарност во Кина. Паралелно се занимавал и со политика. Од почетокот на деведесеттите, бил пратеник на Социјалистичката партија на Србија во неколку мандати, а во 2002 година бил и кандидат на СПС на републичките претседателски избори во Србија. Бата Живојиновиќ бил роден во Корачица, под Космај, на 5 јуни 1933 година.

2023.- На 72-годишна возраст почина Ферис Мустафов, кралот на ромската музика. Мустафов е роден во Штип во ромско семејство на музичари и е син на Илми Јашаров. Неговата професионална кариера започнала на седумнаесетгодишна возраст, додека студирал виолина и кларинет во локална музичка академија. За тоа време, бил поканет да оди на турнеја со бенд предводен од Тома Чрчев, а успехот на турнејата го натерало да се откаже од академското учење за да стане работен музичар. По една година воена служба, за време на која ја воспоставил својата репутација играјќи на вечерни танци, тој се преселил во Сараево, Босна и Херцеговина, каде ја презел водечката улога во експлозијата на популарноста на народната музика што се случила таму во тоа време. Подоцна станал директор за музичко програмирање на ромски јазик за Радио Телевизија Скопје и се здобил со меѓународна публика преку изданијата на албумите на светските музички записи како што се Глобус Стил и Тропски. Настапуваше во голем број земји во светот и сними десетина албуми, главно со инструментални композиции.

 

###

Остани поврзан