• сабота, 20 декември 2025

Промоција на поетската книга „Скршена тишина“ од Елизабета Бадиловска

Промоција на поетската книга „Скршена тишина“ од Елизабета Бадиловска

Скопје, 7 мај 2025 (МИА) - Во Културно-информативниот центар во Скопје вечер ќе се одржи промоција на поетската книга „Скршена тишина“ од авторката Елизабета Бандиловска. Книгата е во издание на „Бата прес“, а промотори ќе бидат проф. д-р Мито Спасевски и м-р Ели Маказлиева.

– „Скршена тишина“ е изобилство од метафори и тајни јазични кодови, присутни во секоја песна, умешност на поетесата да го облекува секој стих во различна маска, не откривајќи ги аспектите на карактерот, а предизвикувајќи ги убавината и сложеноста на поетските чувства, соопштија рецензентите.

Како што посочуваат од издавачката куќа, „Скршена тишина“ е поетски ракопис што нуди соговорништво и многустран книжевен и творечки разговорник што авторката Елизабета Бандиловска сака да го стави пред книжевното огледало, небаре така поетската реч ќе одзвучува со бројни фреквенции, различни поетски толкувања, звучни нијансирања низ големиот и разгранет поетски простор.

Д-р Елизабета Бандиловска е лингвистка, лекторка, лексикографка, поетеса. Родена е во 1973 година во Ресен. Работи како редовна професорка на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и е авторка на поголем број стручни и научни книги и лексикографски изданија.

Збирката песни „Скршена тишина“ е нејзина четврта поетска книга. Досега ги има објавено збирките песни „Самовилска сонувалка“ (2017), „Река без брегови“ (2019) и „Здивот на полноќта“ (2019 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и добитник на државната награда „Гоце Делчев“ за 2015 година. бт/нд/

Фото: корица

Остани поврзан