• сабота, 27 јули 2024

Промоција на книгата „ Сега ти стануваш јас“ од поетесата Д.А.Лори

Промоција на книгата „ Сега ти стануваш јас“ од поетесата Д.А.Лори

Скопје, 25 ноември 2023 (МИА) - Книгата „Сега ти стануваш јас“ од поетесата Д.А. (Долорес Атанасова-Лори) вечер ќе биде промовирана во Младинскиот културен центар, во фоајето на киното „Фросина“.

Делото го издаде издавачката куќа „Чудна шума“. Промотори ќе бидат Снежана Стојчевска и Ана Голејшка Џикова. 

Според рецензентот на книгата Снежана Стојчевска, најновиот поетски ракопис на поетесата Д. А. Лори, доаѓа по успешните поетски книги „Будење во трето лице еднина“, „Со ветрот под рака“, „Небо во кафез“ и „Ќе фатит бран“.

- Песните се создадени за кус временски период, под голем креативен набој. Стерната беше отворена и песните надоаѓаа како што надоаѓа вода и допираат длабоко до свеста на читателот кој гледа како песната се создава и исчезнува пред неговите очи, поради краткотрајноста на објавата, како што минува и животот; денес си, утре не си, напиша Стојчевска.

Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори) е родена на 26.10.1974 година во Германија. Раното детство го поминала во Германија, а потоа со семејството се преселила во Охрид, каде го поминува остатокот од детството и средношколските денови. Во 1993 година се сели во Скопје на студии по англиски јазик и книжевност. Оттогаш живее во Скопје, каде работи како професор по англиски јазик.

Песните на Д.А.Лори првпат се објавени во „Букбокс“. Потоа соработува со издавачката куќа „Блесок“, за која во 2014 година ја издава својата прва збирка поезија насловена „Будење во трето лице еднина“. Во 2016 година од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа „Антолог“.

По пауза од три години, во 2019 година излегува нејзината трета книга - „Небо во кафез“. Добитник е на наградата ֦Тодор Чаловски“ за 2019 година, која го овозможи излегувањето од печат на нејзината четврта книга ֦Ќе фатит бран“. Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена“ и е-книгата „Поетискон“, како и на страната на „Словокулт“, онлајн магазин за уметност и литература и „Fixpoetry“, германска платформа за литература на интернет.

Поезијата на Д.А.Лори е исто така е објавена во монографијата на „Астални проекции“, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“.

Таа е добитник на интернационалната награда на „Антево слово“, која првпат беше доделена во 2017 година во рамки на италијанската поетска манифестација „Ангело ла Векија“. 

Во 2020 година за книгата поезија „Небо во кафез“,  беше во првите пет номинирани за наградата  Браќа Миладиновци“, која се доделува за најдобра книга од едни до следни „Струшки вечери на поезијата“. мд/бак/

Фото: ИК „Чудна шума“
 

Остани поврзан