• четврток, 18 април 2024

Народна банка: Поголема транспарентност и поширок опфат на податоци од банките

Народна банка: Поголема транспарентност и поширок опфат на податоци од банките

Скопје, 3 февруари 2023 (МИА) - Советот на Народната банка ја донесе Одлуката за објавување извештаи и податоци од страна на банките, со која се вршат позначителни промени за зголемување на опфатот на податоците што ги објавуваат банките и на фреквенцијата на објавите.

Со Одлуката се воведуваат нови барања за објавување на квалитативните и квантитативните показатели за работењето на банките особено за управувањето со ризиците и корпоративното управување. Во рамки на Одлуката се пропишуваат нови барања што се однесуваат на објавување податоци и информации за ризиците поврзани со климатските промени и еколошките, социјалните и управувачките ризици.

- Банките се обврзани да ги објавуваат најзначајните показатели со полугодишна динамика, додека останатите податоци на годишна основа. Исклучок од правилото се системски значајните банки коишто ќе имаат обврска за почесто известување и објавување. Заради споредливост и подобро информирање на јавноста, извештаите ќе се објавуваат во пропишаната форма, додека поради потребата од значителни промени во системите на банките, примената на најголемиот дел од извештаите ќе започне од 1 јануари 2025 година, појаснува централната банка.

На седницата, Советот на Народната банка го усвои и извештајот за последниот квартал од 2022 година.

- И во текот на последното тримесечје на 2022 година, Народната банка ја приспособува монетарната политика, со што започна уште од крајот на минатата година. Притоа, основната каматна стапка беше дополнително зголемена во три наврати, за вкупно 1,75 п.п., достигнувајќи го нивото од 4,75 проценти на крајот на 2022 година. Затегнувањето на монетарната политика има за цел да ги стабилизира инфлациските очекувања и да ги намали ценовните притисоци, предизвикани од надворешни шокови, коишто се присутни подолг период. Сепак, од ноември па наваму се забележува постепено намалување на годишната стапка на инфлација.

Домашната економска активност во првите три квартали на 2022 година, како што соопшти централната банка, е во согласност со проектираната патека, а тековните изгледи се во склад со очекувањата за натамошно забавување на растот под влијание на енергетската криза, отежнатото снабдување и кризата на трошоци на животот.

- Банките и натаму обезбедуваат кредитна поддршка за домашната економија, но поумерено и во склад со очекувањата, додека благодарение на надворешната позиција на економијата, девизните резерви и натаму се во сигурната зона. Сепак, неизвесноста и ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок и понатаму се нагласени, а војната во Украина сѐ уште е главниот извор на ризик, особено на пазарите на енергија и прехранбени производи. Народната банка продолжува со внимателно следење на клучните економски параметри и на потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување, заради соодветно приспособување на монетарната политика и одржување на ценовната стабилност на среден рок, наведува Народната банка во соопштението. бак/лв/

Остани поврзан