• петок, 05 декември 2025

Муртезани во посета на Берлин

Муртезани во посета на Берлин

Скопје, 24 јули 2025 (МИА) - Можностите за унапредување на политичкиот дијалог и продлабочување на билатералната и развојната соработка меѓу Македонија и Германија, со акцент на европската интеграција, реформите, владеењето на правото и економскиот развој ќе биде во фокусот на разговорите на средбите, кои министерот за европски прашања Орхан Муртезани ќе ги оствари за време на работната посета на Берлин.

Муртезани, како што соопшти МЕП, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Берлин, во чии рамки предвидено е да се сретне со државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Гинтер Крихбаум, шефот на Одделот за европска политика при Сојузната канцеларија, амбасадорот Михаел Клаус и со генералниот секретар на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Марк Шпајх.

На средбите, додава МЕП, посебен фокус ќе биде ставен на стратешката поддршка од Германија во клучните сектори и на перспективите за продлабочување на партнерството во светло на актуелните европски и регионални предизвици.

Работната посета на министерот Муртезани на Германија, нагласува МЕП, претставува потврда за заемната определба за динамичен политички дијалог и континуирана соработка, во насока на забрзување на европските интеграции и зајакнување на стабилноста и просперитетот на регионот. ац/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан