• вторник, 21 мај 2024

Нарконон Центар Конопиште одбележа 20 години работа за одвикнувања од зависности од дрога и алкохол

Нарконон Центар Конопиште одбележа 20 години работа за одвикнувања од зависности од дрога и алкохол

Кавадарци, 21 април 2024 (МИА) - Нарконон Балкан центарот во кавадаречкото село Конопиште, попладнево одбележа 20 години работа, за одвикнувања од зависности од дрога и алкохол. На настанот беше кажано, дека за две децении, овде програмата за одвикнување ја поминале 226 лица, од земјава и странство. Притоа беше нагласено дека освен примарната цел, надминувањето на зависностите, се посветува особено внимание и на заштитата на животната средина во срцето на Кожуф планина, за што неодамна центарот добил и признание, од Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Џовани Читерио, извршен директор за сите Нарконон центри во Јужна Европа и Јапонија, потсети дека пред дваесет години било тешко да се воспостави еден ваков центар поради табуата, предрасуди и стигма. Тој изрази задоволство од огромниот напредок на условите во центарот и постигнатите резултати во изминатиот период. 

- Главната локомотива за напредокот се вработените кои долго време работат на оваа проблематика и од срце, на сево ова не гледаат само како работа. Има многу центри под мое раководство, 11, но овој ми е при срце, нагласи тој. 

Извршната директорка на Нарконон Балкан Конопиште, Александра Димевска Јокиќ, информираше дека седиштето на оваа програма за одвикнување од дрога и алкохол без лекови, е во САД, а центри како овој во Конопиште, има во над 50 земји во светот. Таа изрази благодарност за многубројните награди и признанија и нагласи дека домашните и странските институции ја ценат нивната пожртвувана работа.

Некогашните зависници од дрога, Моника и Драган, споделија дека и двајцата ја поминале и успешно ја завршиле програмата на Нарконон за одвикнување. 

- Пред да ја завршам оваа програма, јас бев тотално изгубена. Се имав себеси изгубено, го имав тотално изгубено разумот. Дојдов со 45 кила и едноставно не знаев кај сум. Дојдов тука и сето тоа се промени. Почнав да вежбам, ги доведов во ред килограмите, имам самодоверба, станав многу посреќна, ги средив контактите и тоа не само со најблиските, туку и со сите што ги среќавам, имам топ комуникација, рече Моника. 

Драган искрено раскажа дека по патот на користење на  дрога, изгубил доста пријатели, ја изгубил довербата кај неговата фамилија. 

- Се изгубив себеси. Почнав да одам по многу лош пат. Не знаев која ми е целта. Кога дојдов тука, запознав многу добри пријатели. Ја подобрив комуникацијата со мојата фамилија и животот почна да ми оди кон подобро, нагласи тој. свд/


Фото : МИА

Остани поврзан