• петок, 22 ноември 2024

Градоначалникот на Охрид Пецаков се сретна со турскиот амбасадор Фатих Улусој

Градоначалникот на Охрид Пецаков се сретна со турскиот амбасадор Фатих Улусој

Охрид, 20 јули 2024 (МИА) – Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска го прими амбасадорот на Република Турција (Туркије), Фатих Улусој, кој беше во прва официјална посета на општината.

На средбата било разговарано за можностите за зајакнување на заедничката соработка во повеќе општествени сфери, пред се во делот на туризмот, економијата и културата. Пецаков го информирал амбасадорот дека од година во година се зголемува бројот на турски туристи кои го посетуваат Охрид, со надеж дека таквата тенденција ќе продолжи и во иднина.

Во фокус на средбата, како што информира градоначалникот на Охрид во објава на „Фејсбук“, била можноста за воведување сезонска авио-линија од Истанбул до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, што би било значителен придонес во туристичката соработка, подобрување на условите за патување и поврзување на двете пријателски држави.

- Разговаравме и за можностите за инвестирање во туристичкиот сектор на Охридското крајбрежје како и за условите за странските инвеститори во делот на стопанството. Тема на средбата беа и приоритетните инфраструктурни проекти на кои работи Општина Охрид како и потенцијалите за соработка во делот на образованието. Заедно со амбасадорот Улусој ја потенциравме и важноста на културната размена и можноста за гостување на турски уметници за фестивалот „Охридско лето“, наведува Пецаков во објавата. аб/бак/

Фото: Општина Охрид

 

Остани поврзан