Над 30 бомбашки напади годинава во Шведска, полицијата уапси 50 лица
- Шведската полиција денеска соопшти дека уапсила 50 лица во рамките на истрагата за серијата експлозии што ја потресоа земјата во последните недели.
Стокхолм, 29 јануари 2025 (МИА) - Шведската полиција денеска соопшти дека уапсила 50 лица во рамките на истрагата за серијата експлозии што ја потресоа земјата во последните недели.
Шведска со години се обидува да ги ограничи престрелките и бомбашките напади поврзани со пресметки меѓу криминални банди. Често извршители се малолетници под 15 години, кои ги регрутираат токму поради тоа што не можат да бидат кривично гонети, посочуваат локалните медиуми..
Властите соопштија дека од почетокот на годината биле извршени над 30 бомбашки напади.
- Иако неодамна уапсивме 50 лица во врска со 25 различни случаи, насилството не престанува, изјави Хампус Нигордс, заменик-шеф на националната полиција.
Тој додаде дека меѓу уапсените има и сторители на нападите, лица кои изработувале експлозивни направи, како и криминалци кои живеат во странство.
Според заменик-шефот на стокхолмската полиција, Тобијас Бергквист, загрижувачки е зголемувањето на бројот на напаѓачи под 15-годишна возраст.
Министерот за правда Гунар Стромер вчера изјави дека Шведска во понеделникот доживеала „исклучителен ден“, со пет бомбашки напади и првата смртоносна престрелка годинава.
Премиерот Улф Кристершон го нарече насилството „внатрешен тероризам“, а за утре е закажан итен состанок со претставници на различни власти за наоѓање решенија за запирање на „спиралата на насилство“. ссм/
фото: ЕПА