• недела, 22 декември 2024

Над четиристотини деца на листа на чекање за упис во објектите од кумановската градинка

Над четиристотини деца на листа на чекање за упис во објектите од кумановската градинка

Куманово, 10 септември 2024 (МИА) - Над 120 деца се запишани во осумте објекти на кумановската градинка „Ангел Шајче“, а воспитно-образовен процес следат околу 1.700, соопштија денеска надлежните од установата. На листа на чекање се околу 400-тини деца.

- Новозапишани се 124 деца, од вкупно 1.691 дете. На листата на чекање има над 420 деца, на кои градинката не може да им излезе во пресрет. Првиот проектиран капацитет е 1.174, со проширувањето изнесува 1.550, но, сепак капацитетите не ги задоволуваат потребите на граѓаните за нашата услуга во општина Куманово, изјави директорката Марина Алексовска.

За да се надмине проблемот со недостиг на простор, потребни се финансиски средства кои установата сама не може да ги обезбеди без поддршка од државата и од општината. Во моментов може да се изврши адаптација на просторот во амбулантите во населбите Перо Чичо и Тоде Мендол, како и касарната во населба Карпош.

- Ние сме единствена детска градинка во Македонија која има четири групи за деца во целодневен престој во кои од лани има 153 деца и сега бројот на запишување на нови деца е многу мал. Има реакции од родителите, кои секоја година се повторуваат, од 2016 година ОУ „Крсте Мисирков“, „Браќа Миладиновци“ и „Вук Караџиќ“ отворија целодневен престој за децата од нивното училиште, а ние како установа носевме храна. Оваа година заинтересирано е училиштето „Вук Караџиќ“ каде повторно може да се обнови. Ги повикувам сите основни училишта кои можат да отворат и треба за децата од прво одделение посебно целодневен престој ние сме на располагање и секогаш можеме да им носиме храна, изјави Алексовска.

Таа појаснува дека во градинските групи бројот на запишани деца за разлика од бројот на дневно присутни е минимум 30 отсто помалку, а во некои месеци дури и 60 отсто помалку, што според неа овозможува квалитетно згрижување на децата. Од лани, пак, установата склучува анекси на постоечките договори, со што е подобрена и наплатата. ам/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан