• среда, 26 јуни 2024

Надлежни служби работат на откривање и отстранување на проблемот со аерозагадувањето во Куманово

Надлежни служби работат на откривање и отстранување на проблемот со аерозагадувањето во Куманово
Куманово, 6 јуни 2022 (МИА) - Надлежните служби од Куманово и државата во соработка со служби од соседна Србија работат на откривање на причините за загадувањето со кое изминативе денови се соочуваат кумановци, особено од поширокото централно градско подрачје и од населбите Зелен Рид и Карпош.
Секторот за инспекциски надзор од Куманово денеска информира дека инспекторите од соседна Србија ќе проверат од каде потекува загадувањето на воздухот во кумановско. Податоците ќе бидат навремено доставени и надлежните очекуваат брзо надминување на проблемот. Кумановци веќе една недела велат дека воздухот мириса непријатно, на запалена гума.
- Од страна на државен инспекторат за животна средина стапено е во контакт со овластен министер за инспекциски работи на Република Србија, тие имаат подрачна единица Прешево и во текот на денот треба да се добијат информации, од нивна страна ќе бидеме ние правовремено информирани што се случува со таа инсталација, која се наоѓа во близина на Прешево. Наши колеги од Србија на мене ми пратија слика од таа инсталација, мислам дека ќе се реши, изјави раководителот на секторот за инспекциски надзор, Бобан Бојковски. Жителите на Табановце кое се наоѓа во непосредна близина на Србија велат дека неподнослива миризба се шири во селото, а после неколку часа се чувствува и во Куманово. - Се чувствува голема непријатна миризба на запалени гуми, прагови, мислам дека доаѓа од српската граница, од тој реон и се шири навака. Чад не се гледа, меѓутоа надвор не се седи. Непријатен е мирисот, не се дише, на запалени гуми, асфалт. Тоа доаѓа од пределот на Србија, од Прешево, мислам дека се пали нешто, рече Игор Томиќ, жител на кумановското село Табановце. Загадувањето го покажаа дел од мерните станици поставени во Куманово. Куманово со години наназад е на врвот на општини со високо ниво на аерозагадување. Изминативе години општината пред пандемијата донесе сет на краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за намалување на аерозагадувањето, меѓу нив клучна, гасификацијата на повеќе установи, а помеѓу нив и на болницата, која веќе е завршена. ам/ар/

Остани поврзан