• понеделник, 23 декември 2024

Народна банка предупредува за измами преку лажни телефонски повици, е-маил или СМС пораки

Народна банка предупредува за измами преку лажни телефонски повици, е-маил или СМС пораки

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Измамници мамеле граѓани преку телефон, претставувајќи се во име на Народна банка. Од Народната банка уверуваат дека нивни претставник или вработен, во ниту еден случај нема телефонски да побара од граѓаните број на сметка, ПИН или друг вид личен податок, ниту пак да бара да се уплатат средства на одредена банкарска сметка.

- Злоупотребувајќи го идентитетот на Народната банка преку телефонски повици, непознати лица, се обидуваат противправно да остварат финансиска корист и/или да приберат лични податоци коишто потоа можат да бидат злоупотребени. Ја известуваме јавноста дека Народната банка нема никаква поврзаност со лицата коишто ги оствариле телефонските повици и апелираме до граѓаните, да не откриваат лични податоци, ниту пак да преземаат активности согласно со барањата од непознатите лица. Доколку имате добиено или ако во натамошниот период добиете, неочекувани телефонски повици, е-маил или СМС пораки од сомнителни адреси или телефонски броеви, во коишто ви се нуди нешто што не делува реално и вистинито, или од вас се бара откривање лични податоци, не започнувајте комуникација каде ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка, пишува во соопштението од Народна банка.

Доколку граѓаните добијат телефонски повик или порака преку друго комуникациско средство - електронска пошта или преку социјалните мрежи, од лице за кое се сомневаат дека лажно се претставува како вработен во Народна бaнка, се апелира веднаш да го пријават случајот во Народната банка, преку официјалната е-адреса: opstiinfo@nbrm.mk. бд/дма/

Фото: Народна банка

Остани поврзан