• петок, 18 октомври 2024

Наградени учесници на детскиот натпревар „Со очи ја видов маката“ на Генералната дирекција „Противпожарна безбедност и заштита на населението“

Наградени учесници на детскиот натпревар „Со очи ја видов маката“ на Генералната дирекција „Противпожарна безбедност и заштита на населението“

Софија, 17 октомври 2024 (МИА/БТА) – Пожарникар со бебе во рацете, пожарникар кој спасува животно во неволја, куче спасувач им помага на планински спасувачи – се дел од ликовите од детските цртежи наградени на конкурсот „Со свои очи ја видов маката“. На свеченост во Националната детска палата денеска на победниците им беа доделени наградите.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Конкурсот е една од главните активности на Генералната дирекција „Противпожарна безбедност и заштита на населението“ (ГДПБЗН) на бугарското Министерство за внатрешни работи. Целта е преку визуелните уметности да се зголеми свеста на учениците за катастрофи и пожари.

Наградените цртежи беа изложени во салата каде се одржа церемонијата. Тие беа вклучени во хуманитарна аукција, чии средства се наменети за поддршка на децата на вработените во ГДПБЗН – МВР кои загинале или биле повредени при вршење на должноста. Настанот беше проследен со музички и танцови изведби на децата. Сите наградени добија диплома и награда.

Директорот на ГДПБЗН главниот комесар Александар Џартов, им додели дел од наградите на талентираните деца, на кои им посака да продолжат да создаваат. Според него, натпреварот кој се организира со години е актуелен и го насочува вниманието да има помал ризик од катастрофи и помали човечки загуби. Нови креативни успеси на децата им посака и бугарскиот заменик министер за внатрешни работи Љубомир Јосифов, кој им ги врачи наградите во категоријата за деца и ученици од профилирани паралелки, училишта и уметнички училишта.

И Министерството за земјоделство и храна (МЗХ) работи со младите и поддржува вакви иницијативи, изјави заменик министерот за земјоделство и храна Мирослав Маринов. Тој ја издвои информативната и едукативната кампања „Неодговорноста е најопасната искра“ што МЗХ летоска ја организираше со Извршната агенција за шумарство.

Децата нека растат упатени, способни и талентирани, посака Татјана Досева, директорка на Националната детска палата. Таа му врачи награда на Александар Јартов за спроведување иницијативи насочени кон развој на младите во Бугарија. На свеченоста присуствуваше и претседателот на бугарскиот Црвен крст Христо Григоров. Тој во име на организацијата додели неколку специјални награди бидејќи децата во нивните слики покажаа однос кон работата на волонтерите.

Свеченоста заврши со групна фотографија на наградените деца и ученици.

_____________________________________________________________________________________________________________________________

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан