Мухамед бин Салман утре во посета на Белата куќа
- Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Салман, утре ќе ги посети САД, во првата посета на Белата куќа откако убиството на критичарот на саудискиот режим Џамал Кашоги во 2018 година предизвика глобално негодување, поради сомнеж дека било извршено по негова наредба.
Ријад, 17 ноември 2025 (МИА) - Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Салман, утре ќе ги посети САД, во првата посета на Белата куќа откако убиството на критичарот на саудискиот режим Џамал Кашоги во 2018 година предизвика глобално негодување, поради сомнеж дека било извршено по негова наредба.
Средбата со американскиот претседател Доналд Трамп ќе го унапреди односот на двете земји кој е изграден на стратешки интереси, а седум години по убиството на Кашоги во Истанбул, Мухамед бин Салман доаѓа во САД како посредник во мирот кој се залага за прекин на огнот во Газа и како претставник на земја која ги подобрува врските со Иран и го поздравува враќањето на Сирија во арапскиот свет, коментираат светските агенции.
Саудискиот новинар и критичар на властите Џамал Кашоги на 2 октомври 2018 влезе во саудискиот конзулат во Истанбул за да подигне документи и никогаш не излезе.
Турските власти утврдија дека бил убиен од саудиски тим испратен специјално за таа операција.
Меѓународните истраги, вклучувајќи ја и на ОН, оценија дека убиството било планирано и дека има „веродостојни докази“ дека високи саудиски власти, можеле да бидат вмешани или да знаеле за операцијата.
Случајот предизвика голем меѓународен скандал, дипломатски притисок и жестоки критики кон Саудиска Арабија. јт/
Фото: МИА архива