• вторник, 24 декември 2024

Мултимедијален настан во знак на отпочнување на серија на настани под името „Остави трага“

Мултимедијален настан во знак на отпочнување на серија на настани под името „Остави трага“

Скопје, 7 јули 2023

Во знак на отпочнување на серија на настани под името „Остави трага“ која се однесува на млади лица, а ќе ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи заедно со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ се одржа мултимедијален настан под името „Дојди раскажи ја својата приказна – Остави трага“.

Во рамките на настанот се реализираше  панел дискусија под името „Еднаква, своја, успешна“ на која зедоа збор министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, проектната раководителка од Програмската канцеларија на Совет на Европа, Марија Андреева, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, студентската правобранителка, Викторија Постоловска, претставничката на Пивара Скопје, Александра Бабамова. Настанот го модерираа Огнен Јанески и Ана Јовковска.

Целта на реализацијата на настанот е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, нивна активација и подигање на свеста за еднаквоста во општеството. 

Министерката Тренчевска со своето обраќање го отвори настанот и ја раскажа својата приказна и патот до министерската функција.

„Секогаш кога ќе дојдеше некаква покана за обука јас бев прва која ќе се пријави, секогаш сакав да ги градам моите капацитети, затоа што верувам дека преку зајакнати капацитети и вештини можете да ја остварите целта која што сте ја поставиле некаде во вашата младост. Мојата цел беше да работам токму на заштитата на човековите права. Преку граѓанскиот сектор ми се овозможи тоа, но многу повеќе преку Министерството за труд и социјална политика да работам на работничките права, да работам на еднаквоста и недискириминацијата, да работам на подобрување на положбата на жените, детската заштита и ранливата категорија на граѓани. Работам 21 година во Министерството за труд и социјална политика и скала по скала доаѓав на повисока позиција“ рече Тренчевска.

Таа го искажа своето уверување дека само со позитивни примери може да се успее во целта младите да сфатат дека вештините, знаењето и капацитетот е она што носи успех министерката дополни дека само така можеме да бидеме луѓе чии дела оставаат трага и луѓе кои што и кога нема да се на функции ќе ги споделуваат истите вредности.

„Еднаквоста и рамноправноста во сите сфери на општественото живеење се основата врз која се градат вредности, се организираат активности и се создаваат политики кои овозможуваат секој поединец да може да ужива во основните човекови права. Европската унија и Советот на Европа преку заедничката програма „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ од 2019 година силно ги поддржуваат активностите против дискриминацијата и говорот на омраза и реформите кои имаат за цел да овозможат општество ослободено од омраза и дискриминација, општество во кое љубовта и заедничките заложби се средиште што ѝ помага на државата да се движи напред и истовремено да им даде глас на ранливите и маргинилизираните групи во општеството, затоа што кога сите си подаваме рака меѓусебно, кога сме солидарни и кога работиме заедно – можеме да постигнеме многу.“ – Марија Андреева, проектна раководителка, Програмска канцеларија на Совет на Европа

На територијата на Општина Центар активно дејствуваат неколку женски здруженија, сите програми за работа на службите се родово балансирани, а во самата општина функционира интерсекторска група составена од претставници од сите сектори што работат на областа за родовата еднаквост и родовиот паритет под водство на ментор доделен од UN Women. Јас, како Градоначалник на Општина Центар, можам да ви ветам дека ќе продолжам да се залагам за унапредување на човечките права на сите категории граѓани и во мојата агенда секогаш ќе има место за проекти што ќе ја зацврстат улогата на жената и ќе ја подигнат свеста за родовата еднаквост рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. 

Студентската правобранителка Викторија Постоловска на почетокот од своето излагање се осврна на почетокот на нејзината приказна како што сведочи Викторија таа започнува од нејзините средношколски денови кога почнува да го развива чувството за да процени што е „труло“ а што конструктивно, според неа тоа биле моментите кога таа почнала да мечтае за револуција.

„Често замолчувана и конвенционализирана од актуелните колективи кои наводно ,,доликуваа” на мојата возраст, потсвесно градев идеал да се биде сѐ освен просечен млад човек кој безгласно прифаќа и се привикнува. Да не беше патот трнлив, денес немаше да се борам за правата на студентките и студентите, да дадам отпор таму каде што со години владеела стагнација и аналитички да пристапам кон сѐ она кое ги засега моите врсници. Ништо од тоа не беше за сопствена цел или привилегија, мојата патоводна ѕвезда од секогаш биле сите девојчиња кои се радуваат на малечките чекори напред, за еден ден големиот успех да не им дозволи да погледнат назад“истакна студентската правобранителка Постоловска.

„Уште од најмала возраст не учат дека има некој магичен период во животот кога наеднаш ќе сфатиме што точно сакаме и напорно ќе работиме да го оствариме тоа. Јас лично сум израсната со ова убедување, и притисокот што истото ми го створи беше огромен. Додека учев средно се уште не знаев што сакам и сметам дека тоа е сосема во ред. Она што го знаев е дека без разлика што ќе правам понатаму во животот, важно ми е да бидам почитувана и на исто рамниште со луѓето околу мене. И бев истрајна - имаше многу грешки и лекции, многу работи во кои не се пронајдов или не ме исполнуваа. И тоа е сосема во ред. Тоа што го правам сега е резултат на сите тие подеми и падови и најважно - тоа е нешто што ме прави среќнаОна што би сакала да го пренесам како порака е да не дозволите нечии туѓи очекувања или ограничувања да ве спречат во остварувањето на вашите соништа - без разлика какви соништа се тие или кога ќе сфатите дека баш тоа е вашиот сон. Важно е да не создаваме лажна слика за успехот - така најлесно можеме да се изгубиме себеси во трката да се претставиме во најдобро светло пред останатите. Треба да си го слушаме разумот, но и срцето, и пред се да останеме свои. Сите имаме некаков личен печат што го оставаме, и тоа е вистинската вредност и мерило на нашиот успех“ рече Бабамова.

Официјалното отворање на настанот беше означено со музичка изведба на групата „Шербет“, а во текот на настанот беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, додека за време на настанот сликаа дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн.

Министерство за труд и социјална политика

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МТСП

Остани поврзан