„Џинови и снегулки“ самостојна изложба на Христина Иваноска
- Во Музејот на Северна Македонија вечерва во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Џинови и снегулки“ на Христина Иваноска. Насловот на изложбата реферира на истоимената поема од книгата поезија „Егејска барутна бајка“ на Славко Јаневски, која е објавена во 64-тиот број на „Македонка“ од 1950 година.
Скопје, 24 декември 2024 (МИА) - Во Музејот на Северна Македонија вечерва во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Џинови и снегулки“ на Христина Иваноска.
Насловот на изложбата реферира на истоимената поема од книгата поезија „Егејска барутна бајка“ на Славко Јаневски, која е објавена во 64-тиот број на „Македонка“ од 1950 година.
Иваноска, преку својата уметничко-истражувачка практика, се фокусира на прашањата за потиснување, контрола и конструирање на колективната меморија во однос на стратегиите и политиката на отпор на жените. Таа создава објекти, текстови, цртежи, видеа, перформанси и инсталации, честопати работејќи интердисциплинарно и критички го истражува искуството на денешните социјални и политички системи и нивната врска со теоријата и историјата. Иваноска им дава важност на рачната работа, како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворк-техниката, како медиуми на политичка и социјална вредност преку кои е изразена индивидуална борба и ограничувањата.
Нејзините дела биле изложени во значајни институции и независни простори во земјава и во странство. Во моментот, Иваноска е докторант на Академијата за ликовна уметност во Виена. Заедно со Јане Чаловски, во 2024 година, се основачи на платформата за уметничко истражување и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ во Скопје.
Изложбтаа е дел од проектот „Архиви на невидливите 3.0“, поддржан од Фондацијата Хајнрих Бел и Министерството за култура на Северна Македонија. Реализирана е како соработка меѓу Центарот за истражување на национализмот и културата и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, со што ќе биде дел од 12. издание на фестивалот, чии поддржувачи се Sigrid Rausing Trust и Equality Fund. бак/