• петок, 10 мај 2024

Млад франкофонски парламент: Франкофонијата значи вредности, човекови права, демократија и мир

Млад франкофонски парламент: Франкофонијата значи вредности, човекови права, демократија и мир

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Различните јазици и култури се дел од заедничкото светско богатство и наследство и сите ние имаме морална одговорност да ги негуваме и да ја развиваме соработката и врз основа на овие две полиња. Гледајќи го ентузијазмот во Вашите очи, убеден сум дека и Вие сте ја сфатиле моќта на јазичната и културната соработка и комуникација и овој настан денес е ставање на уште едно камче на тој мост на поврзување на народи и култури. Со оваа наша посветеност, ние како земја потврдуваме уште еднаш колку сакаме и колку сме подготвени да бидеме дел од големото европско семејство на народи и култури.

Ова го истакна претседателот на Собранието Талат Џафери, во обраќањето пред учесниците на Работилницата на тема Млад франкофонски парламент - едукативна активност „Имам став!“, што се одржа денеска во Парламентот под покровителство на Министерството за надворешни работи и Францускиот институт во Скопје. Џафери потсети дека „Имам став“, е активност која во Собранието започна уште во 2019 година, а досега се вклучиле 2200 учесници и тоа особено го радува. 

- Ние сме навикнати да слушаме, почитуваме и учиме многу јазици, а францускиот, како најстар јазик на дипломатијата, секако има свое заслужено место во нашето поле на интерес. Тоа што со овој настан се приклучуваме на мноштвото настани кои се одвиваат за одбележување на Месецот на франкофонијата, не е случајно. Тоа е наш придонес во афирмацијата на значењето на француски јазик во ширењето на идеите на слобода, братство и еднаквост меѓу луѓето, како и соработка меѓу народите, порача Џафери.

Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, истакна дека со низата активности во март - Месецот на франкофонијата, се покажува дека франкофонијата е жива реалност која што се остварува во целата земја, бидејќи денес од прилика една третина од учениците во јавното образование го изучуваат францускиот јазик. Но, во оваа земја , додаде тој, франкофонијата е исто така институционална и политичка реалност.  

- Франкофонијата значи јазик, но и меѓународна организација, а Северна Македонија е полноправна членка веќе 20 години, членка што е активна.  Но, франкофонијата значи и вредности, човекови права, демократија, мир, заеднички вредности, кои се наша одговорност во денешниот свет и треба истите и да ги заштитиме и да ги унапредуваме. Токму тие вредности Северна Македонија ги брани во однос на воената агресија во Украина, како претседавач со ОБСЕ и со тоа што беше домаќин пред неколку дена во Охрид на самитот под покровителство на ЕУ помеѓу Србија и Косово каде се постигна забележителен напредок за стабилизација на регионот на Западниот Балкан. И франкофонијата на крај значи надеж за подобар утрешен свет, каде што сите ние Европејците ќе живееме заедно во една посилна ЕУ. Овие млади коишто денес ќе земат збор се генерација која што ја одразува таа надеж, порача амбасадорот Бомгартнер.

На настанот се обратија и шефот на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Франкофонијата, Абдула Салиу и претседателка на Групата за пријателство Франција - Северна Македонија во француското Национално собрание, Лилиана Танги. Таа наведе дека Меѓународната организација на франкофонијата има 89 држави членки, а Северна Македонија е нејзина полноправна членка и дел од ова заедничко семејство кое го споделува францускиот јазик и вредностите на франкофонијата.

- Наша задача е да ја подготвиме младината за предизвиците кои се пред неа, подвлече Танги.

Ученици од франкофонски училишта од повеќе градови во земјава на работилницата на тема Млад франкофонски парламент - едукативна активност „Имам став!“ ќе дебатираат за теми како подобрување на медиумската писменоста и препознаетвање на лажните вести на социјалните мрежи и прекуметното користење на интернетот и социјалните мрежи. вг/сп/

Остани поврзан