• недела, 22 декември 2024

Мицотакис - Христодулидис: Грција и Кипар се столбови на стабилност во регионот

Мицотакис - Христодулидис: Грција и Кипар се столбови на стабилност во регионот

Атина, 19 септември 2024 (МИА) –  Грција и Кипар се две земји столбови на стабилност и безбедноста во регион што е од особена геостратешка важност, посочија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и кипарскиот претседател Никос Христодулидис на почетокот на нивната денешна средба во Атина, јави дописничката на МИА од Атина. 

Во дијалогот пред камерите се задржаа на кипарското прашање и неопходната координација во пресрет на Генералното собрание на ОН, додека пак воопшто не се осврнаа на електричното поврзување меѓу двете земји, што се очекува да биде една од темите за време на средбата, откако кипарската Влада завчера донесе одлука за проектот.

Мицотакис рече дека како и секогаш, така и сега Атина и Никозија ги координираат своите активности и во пресрет на најавните случувања во кипарското прашање. 

-Уште еднаш ќе имаме можност да направиме сеопфатен преглед на отворените прашања во период кога, за жал, постои зголемена загриженост за ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Грција и Кипар се две земји столбови на стабилност во геополитички многу турбулентен регион на планетата и би рекол дека особено во овие околности нашата координација е понеопходна од кога било, нагласи грчкиот премиер. 

Кипарскиот претседател ја истакна важноста одново да почнат разговорите за кипарското прашање. 

-За нас, многу пати имам кажано и го мислам тоа, актуелната состојба на работите не претставува решение за кипарското прашање и сигурен сум дека преку решавањето на кипарското прашање и целосната нормализација на грчко-турските односи ќе придонесеме уште повеќе кон она што Грција и Кипар, Кипар и Грција го покажаа. Дека се столбови на безбедноста и стабилноста во овој регион од особено геостратешко значење, посочи Христодулидис. ср/ссм/

Остани поврзан