• петок, 20 декември 2024

Мицкоски: Дали Софија ќе бара и од Тирана да ја внесе бугарската заедница во Уставот

Мицкоски: Дали Софија ќе бара и од Тирана да ја внесе бугарската заедница во Уставот

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиуми коментирајќи ги резултатите од пописот во Албанија, истакна дека претходната влада на СДСМ и ДУИ оставила празен простор за туѓа пропаганда. 

-Тие само го користат просторот што го остави македонската влада и претходниот состав, тоа се СДСМ и ДУИ. Јас ги читам оние комични соопштенија што доаѓаат од СДСМ и навистина не можам да се изначудам на тоа што го кажуваат таму. Ние како држава треба да се грижиме за нашинците од другите страни на границите, не само во соседството, туку насекаде во светот. Жалам што тоа се случува, но виновникот има име и презиме а тоа е владата на СДСМ и ДУИ. Бугарската Влада со својата пропаганда само го користи празниот простор којшто тие им го оставија, рече Мицкоски.

Toj рече оти имаат сериозна амбиција и не само тој простор таму, туку и насекаде во соседството, па и во светот, да се грижат за нашинците насекаде во светот, вклучително и за Македонците во Албанија, и најави дека многу скоро ќе ги посети.

-Многу наскоро јас би сакал да ги посетам и ќе појдам да ги посетам и да поразговарам. Сакам да ја вратам довербата, во корените во нивната антропологија македонска, македонскиот јазик и сите оние атрибути коишто доаѓаат со идентитетот, којшто тие гордо го чуваат, и јас сум горд што имаме такви наши браќа и сестри од другата страна на границата, а ние како држава ќе сториме се да ги заштитиме и да ги заштитиме нивните вековни домови и нивниот идентитет, истакна Мицкоски.

Според него, таа асимилаторска политика, како што кажа, од страна на нашиот источен сосед не е само кај Македонците.

-Ако ги видите бројките, ќе видите дека таа зафаќа голем дел и од останатите граѓани во Албанија. Тоа е нешто коешто мислам дека треба посериозно да се анализира. И сега се поставува прашањето бидејќи во Албанија има речиси трипати повеќе кои се изјаснуваат како дел од бугарската заедница, дали и од Албанија ќе имаме услов да тие бидат во преамбулата на Албанија или нема да бидат. И прашањето е дали и за нив ќе важи тој услов или само за нас ќе важи. И баш би сакал да видам каква ќе биде реакцијата, и не ја сфаќам логиката зошто за нас би важело, а за таму каде што ги има трипати повеќе да не важи. Треба многу внимателно да се пристапи кон овие прашања, рече Мицкоски.

Според последниот попис во Албанија од 2023, во таа држава живеат 2.281 Македонец. Според резултатите од пописот, 7957 се попишани како Бугари. Првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица од оваа националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин. Македонското МНР викендов излезе со реакција дека прелиминарните резултати од Пописот одржан во Албанија во 2023 година не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Министерството го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес. - Поради итноста на материјата очекуваме консултациите да се случат во текот на оваа недела и за сите дополнителни детали јавноста ќе биде навремено информирана, беше наведено во соопштението на МНР во понеделникот. 

По низата реакции околу резултатите од пописот на населението и домаќинствата што во Албанија беше спроведен во 2023 година, завчера реагираше директорката на Институтот за статистика, ИНСТАТ, Елса Дули, тврдејќи дека пописниот процес бил транспарентен и спроведен со професионализам. Рече дека презема целосна одговорност за точноста на резултатите бидејќи пописот „произвел точна статистика за населението и домаќинствата, во согласност со новите меѓународни препораки и стандарди“. нд/рт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан