• сабота, 27 јули 2024

Мит Ромни: Нема да гласам за Трамп, но очекувам негова победа

Мит Ромни: Нема да гласам за Трамп, но очекувам негова победа

Вашингтон, 29 февруари 2024 (МИА) - Мит Ромни, американски сенатор републиканец, одговори негативно на прашањето дали тој би гласал за повторен избор на Доналд Трамп за претседател на САД.

- Нема да гласам за него. За мене постојат два фактори кои одлучуваат кого сакам да видам за лидер на мојата земја и личност која би сакал да ја видам како пример за моите деца и внуци, изјави тој синоќа во интервју за Си-Ен-Ен.

Според него, важни се позициите околу политиките на претседателот на САД, но уште поважен е неговиот карактер.

- Со Трамп не се согласувам околу надворешната политика, но се согласувам со многу од нашите домашни политики. Но, има и друга димензија покрај полтиката, а тоа е карактерот. Америка како нација и како прва демократија и лидер во светот се гледа по нејзините лидери, верски, политички, универзитетски и така натаму.  Да се има претседател кој е со толку банкротиран карактер, ќе има огромно влијание на карактерот на Америка. За мене тоа е од примарна важност, изјави Ромни. 

Тој смета дека Трамп доколку  биде избран за претседател Америка ќе ја изгуби водечката улога во светот и ќе падне во изолација. 

- Луѓето во светот ќе речат Америка не е повеќе лидер на слободниот свет и aрсенал на демократијата, не е повеќе сјајниот град во височината, сега е изолиран остров, рече Ромни.

Тој, сепак, додаде дека на претседателските избори во ноември очекува победа на Трамп бидејќи во текот на неговиот прв мандат економијата на САД многу се подобрила и Американците заработувале барем за третина повеќе од луѓето во Европа. За актуелниот претседател, демократот Џо Бајден кажа дека направил многу грешки, а најважната е кризната состојба со имиграцијата и напливот на имигранти во земјата. кб/

Остани поврзан