Мисајловски: Нов пакет помош за Украина наскоро на владина седница
- Министерот за одбрана Владо Мисајловски денека потврди дека е подготвен нов пакет помош за Украина, кој наскоро треба да се најде на владина седница, што е обврска на земјата како членка на НАТО.
Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денека потврди дека е подготвен нов пакет помош за Украина, кој наскоро треба да се најде на владина седница, што е обврска на земјата како членка на НАТО.
-Точно, има дополнителен пакет за помош кон Украина. Многу скоро ќе биде на седница на Влада, иако чека сите министри да добијат безбедносни сертификати бидејќи дел од овие информации се со доверлив карактер. Наскоро ќе се обзнани што дополнителна опрема ќе се дава. Но, таа опрема е од претходната што се давала, дел од тоа што останало дополнително да се предаде, рече Мисајловски прашан за новото украинско барање за помош пристигнато на НАТО Самитот во Вашингтон, дали тоа било разгледано со претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска Давкова и со шефот на дипломатијата.
Мисајловски кажа дека е многу важно да се направи проценка на вредноста на донираната помош, што не било направено досега.
-Но, она што е многу важно да се направи, а не е направено во изминатите години, е целосна проценка на она што е дадено. Бидејќи согласно регулативата, ние треба секоја година да издвојуваме средства за помош на Украина, согласно тоа дека сме членка на НАТО, но немаме проценета вредност колку чини она што го даваме. Затоа важно е овој период да направиме проценка на сето она што сме го дале како земја бидејќи во овој момент сме петта земја контрибутор на донации и помош кон Украина и тоа ќе продолжи и во иднина. Тоа е многу важно и за Украина, а важно е и ние да покажеме дека сме стабилна членка на НАТО, рече Мисајловски. вг/лв/
Фото: МИА Архива