• петок, 12 јули 2024

Минчев: Владата сака по секоја цена да бидат изгласани законите од енергетиката кои ќе ја оштетат државата и граѓаните

Минчев: Владата сака по секоја цена да бидат изгласани законите од енергетиката кои ќе ја оштетат државата и граѓаните

5 март 2024 

Владата на Македонија во услови на предизборие, преку скратена постапка, во парламентарна процедура повторно стави закони кои се исклучително штетни за државата и за македонските граѓани, рече Горан Минчев, генерален секретар на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на прес конференцијата одржана денеска.

„Се работи за четири закони за стратешки инвестициски проекти во областа на енергетиката. Оваа Влада, пред да си замине во историјата, сака предложените закони по секоја цена да бидат изгласани во Собранието. Станува збор за проектите: “Митилинеос когенеративна гасна постројка Скопје” и изградба на соларните електрични централи АИМ Греен ТЦХ, Пехчево и Стипион“, посочи Минчев.

Тој потенцира дека тоа се профитабилни базични енергетски проекти што ќе се градат со голема државна помош, како и голем број на поволности и поттикнувања, финансирани од буџетот на државата, средства на државните енергетски претпријатија, но и од самите граѓани, како крајни потрошувачи, преку плаќањето на сметките за електрична енергија.

Минчев рече дека енормниот профит и огромната државна помош на стратешкиот инвеститор Митилинеос, Владата правно сака да го регулира со изгласување во Собранието на „Закон за Митилинeос когенеративата електрана Скопје“. По донесувањето на Законот ќе бидат потпишани бројни договори помеѓу Митилинеос и Владата, како што се: Договор за стратешки инвестиционен проект Митилинеос когенеративна централа Скопје, Договор за државна помош, Договор за откуп на електрична и топлинска енергија, Договор за гаранции, Договор за закуп на градежно земјиште.

„Стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос когенеративна електрана Скопје“ и другите три проекти за изградба на фотоволтаични централи се добро осмислен и бескрупулозен стратешки грабеж на буџетот и на граѓаните на Македонија во наредните 30 години’, потенцира генералниот секратер на ЗНАМ, Горан Минчев и објасни:

„Државната помош што Владата треба ќе му ја даде на Мителинeос се состои во следното:

- Директна финансиска поддршка од 49,3 милиони евра.

- Плаќање на давачките за емисии на јаглерод за период од 30 години од над 700 милиони евра.

- Изградба на Индустриската зона „ЕНЕРГИЈА СКОПЈЕ“ што ќе чини најмалку 20 милиони евра.

- Митилинеос се ослободува од плаќање даноци, давачки, такси, според Договорот за гаранција и се ослободува од дополнителни финансиски обврски кои во иднина би се јавиле со измена на законодавството во државата.

- Владата се обврзува на Митилинеос за период од 30 години да му ја откупи вкупната произведена електрична енергија по загарантирани цени што во просек се речиси 17 проценти повисоки од берзанските, како и вкупно произведената топлинска енергија, со што вкупната загуба на Македонија само по овој основ ќе изнесува над 450 милиони евра.

- Во 30-те години, колку што е предвидено да трае Договорот, актуелната Влада се откажува од околу 1,2 милијарди евра профит, којшто всушност ќе му го отстапи како профит на Митилинеос“.

„Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, рече Минчев, сака да ја предупреди јавноста за овој огромен скандал, којшто со предложените четири закони е ставен во собраниска процедура и ќе ги чини граѓаните на Македонија најмалку 1,2 милијарди евра во следните 30 години. Доколку се усвојат овие закони, за нивно раскинување се предвидени огромни пенали за Македонија, кои веројатно би ја надминале штетата од самата имплементација на истите. Од оваа точка враќање назад нема. Или сега нема да се усвојат овие закони или граѓаните ќе ги полнат џебовите на одредени економски центри на моќ кои практично ќе станат газди на Македонија“, потенцира тој.

„Ги повикуваме пратениците во Собранието на Македонија, од сите пратенички групи, а посебно се обраќаме до пратениците на СДСМ и нивната коалиција, да не бидат заложници на одредени структури кои потекнуваат од претходното и сегашното раководство на СДСМ’, рече Минчев.

Тој додаде дека ставот на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, согласно програмските определби за самоодржлива држава во сферата на енергетиката, како и искористувањето на природните ресурси, е дека проектот за изградба на когенеративна гасна постројка е несомнено профитабилен базичен енергетски проект, којшто треба да се гради како национален проект, финансиран и изграден од нашата држава, а не од некој надворешен т.н стратешки инвеститор кој нема да инвестира ниту едно евро сопствени средства.

Минчев рече дека следствено со оваа гасна електрана треба да стопанисува државната компанија ЕСМ, при што од остварениот профит во наредниот период ќе се создаваат можности за финансирање нови базични енергетски објекти. Тој, исто така рече дека е апсолутно недозволиво користење на плодно земјоделско земјиште за изградба на фотоволтаични централи.

„Сметаме, потенцира Минчев, дека за доброто на граѓаните и на државата, за доброто на идните генерации, овие закони не смеат да ја добијат поддршката во Собранието“.

Прес-конференција на Горан Минчев, генерален секретар на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија

Движење ЗНАМ - За наша Македонија 

Фото: Движење ЗНАМ - За наша Македонија 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Фејсбук на Движење ЗНАМ - За наша Македонија 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан