• понеделник, 09 декември 2024
МИА Флеш

1 ноември 2024

Скопје - Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас денеска на заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, истакна дека Северна Македонија ќе ја добие поддршката на ЕУ и одржува високо ниво на амбиција да се придвижи кон пристапните преговори, но за да го унапреди процесот треба да ги усвои уставните измени, со цел, како што кажа, да ги вклучи граѓаните коишто живеат во границите на државата и кои се дел од други народи како што се Бугарите, а на што се согласи дека ќе го направи.

Според него, во извештајот на ЕУ има поинаква структура со цел да може полесно да се чита, па оттаму Преспанскиот договорот и Договорот за добрососедство и пријателство се наоѓаат од првата страница на Извештајот со ЕУ.

-И да, ќе ја добиете нашата поддршка. Како одговор би сакал да кажам дека има поинаква структура во извештајот за земјата со цел да може полесно да се чита и е покус и секако сите 120 препораки се споменати однапред, а тука е и овој дел. Не постои друга причина, се работи само за тоа сите да се фокусираат на суштинските елементи каде што ние ги даваме препораките за да може полесно да се чита и потоа сите да преминат на другите страници за да видат што всушност сме анализирале. Секако, не треба да се каже дека добрососедските односи, регионалната соработка остануваат како суштински елемент од процесот на проширувањето, рече Рокас во одговор на прашањето дали тоа што добрососедските односи се на првата страница од Извештајот на ЕК, значи дека земјата не ги исполнува доволно добро односите со соседите.

Рокас потсети дека за време на минатонеделната посета на Скопје, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен кажала јасна порака. 

Скопје - Здравството е еден од најголемите корисници на националниот буџет, а инспекциските служби се ранливи на корупција. Нема ефективни критериуми за означување цени на здравствени услуги или лекови. Процедурите за лекување во странство не се ниту транспарентни, ниту објективни. Трошоците за здравство од сопствен џеб се високи, што е бариера за еднаков пристап до здравството, се само дел од состојбите во државава, констатирани во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за нејзиниот напредок во 2024 година.

Иако примарното здравство во Северна Македонија е обезбедено бесплатно, ЕК наведува дека неговото финансирање е значително под просекот на Европската Унија. Опсегот на здравствените услуги и нивната достапност, особено специјалистичките медицински услуги и нивната географска дистрибуција, според извештајот, се несоодветни.

Од ЕК потсетуваат дека медицинските работници продолжуваат да го напуштаат јавното здравство за приватниот сектор или за да работат во странство. Се напоменува и тоа дека и покрај постоењето на апликацијата „е-здравство“, упати сѐ уште се даваат на хартија.

Скопје - Северна Македонија ја задржа својата стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, нотираше Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на државата, во кластерот за надворешни односи, каде се поместени поглавјата 30 и 31 кои ги опфаќаат надворешната, безбедносната и одбранбената политика и надворешните односи.

-Институционалната рамка што овозможува учество на земјата во заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) и заедничката безбедносна и одбранбена политика е поставена и оперативна. Северна Македонија ја задржа својата 100% усогласеност со изјавите на високиот претставник во име на Одлуките на ЕУ и Советот на ЕУ за санкции, вклучително и сите рестриктивни мерки на ЕУ против Русија и Белорусија поврзани со руската агресивна војна против Украина. Земјата учествуваше на Самитот за мир во Украина чиј домаќин беше Швајцарија, нотираше ЕК.

Во делот на надворешните односи, се потенцира дека земјите-членки мора да бидат способни да водат политички дијалози во рамките на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, да се усогласат со изјавите на ЕУ, да учествуваат во активностите на ЕУ и да ги применуваат договорените санкции и рестриктивни мерки. Државата, се нотира, продолжи да се вклучува во политички дијалог со ЕУ за прашања од надворешната и безбедносната политика на сите нивоа. Ги започна преговорите за безбедносно и одбранбено партнерство со ЕУ во пролетта 2024 година, во февруари 2024 година, учествуваше на десеттиот состанок на политичките директори ЕУ-Западен Балкан, а во јуни 2024 година, учествуваше на работен ручек со членовите на Советот за надворешни работи.

Скопје - Напредува процесот на оценување на земјава за пристапување во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА). За таа цел, како што соопшти Народната банка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска одржала средби во Брисел со генералниот директор на Директорaтот за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на пазарите на капитал при Европската комисија, Џон Бериган, како и со Џорџо Андреоли, генералниот директор на Европскиот совет за плаќања, институцијата којашто ја носи конечната одлука за членството на земјите во СЕПА.

На средбите, како што соопштија од НБ, станало збор за барањето на земјава за членство во СЕПА, коешто беше официјално поднесено во јули оваа година, по обемната измена на законската и подзаконската регулатива во сферата на платежните услуги, банкарскиот систем и спречувањето перење пари, заради усогласување со европската правна рамка.

- Официјалното барање, на почетокот на октомври, беше дополнето и со најновите  измени на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со што се оценува дека се направени сите неопходни измени на законската и подзконската правна рамка. Во моментов се оценува нашето барање. Имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена со што нашата земја ќе може наскоро да пристапи во СЕПА. По добивањето позитивна оцена, деловните банки ќе треба оперативно да се приклучат кон европскиот платежен систем, за што е потребна претходна подготовка, се наведува во соопштението.

Скопје – Државата нема анализа за сајбер-напади и за проценети ризици и подложност на институциите. Нема податоци зашто не постои механизам за известување за вакви случаи. 

-Наследивме една тешка состојба во којашто најголемиот проблем е што недостигаат такви информации. Токму таков тип на анализи предвидуваме со алатката за мониторинг на инциденти и на закани којашто не само што ќе анализира колку се случува, туку и да знаеме од кој калибар се, од кое ниво се затоа што закани и инциденти има постојано. Некои се од грешка на вработени поради ниско ниво на сајбер хигиена, некои се поради кликнување погрешен линк којшто им бил пратен - оние фишинг напади, трети се големи напади коишто се случуваат тенденциозно, намерно кон институцијата, така што се уште немаме податоци затоа што нема механизам за известување за случаи, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција посветена на донесување на Националната стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028. 

Очекува дека со донесувањето на стратегијата ќе имаме, како што рече, точни задолженија на секоја институција да пријави кога ќе и се случи каков било инцидент и тие да се следат во реално време.

Скопје -  Еден изведувач да го гради тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија, да се ревидира цената и проектот за третата делница, а Бугарија да го заврши својот дел од пругата, се договориле на вчерашниот состанок во Софија македонската и бугарската делегација во разговорите со посредство на Европската Унија.

-  Трите клучни аргументи на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски беа прифатени. Мора да има заеднички проект за тунелот со цел да не се гради тунел кој не води никаде, понатаму Бугарија да го заврши својот дел од пругата и трето да се ревидира цената која е превисока како и ревидиирање на самиот проект.  По проценката на ризиците, изградбата на тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија е поефикасно да биде од еден изведувач, соопшти денеска Министерството за трансппорт и врски. 

На состанокот, од македонската страна предводена од државниот секретар во Министерството за транспорт, Стефан Волкановски и директорот на Железница Инфраструктура Синиша Ивановски, било истакнато дека Македонија не отстапува од железничкото поврзување и на овој проект се гледа како регионален проект со кој се потенцира развојот на европските транспортни мрежи.

Скопје- Министерството за образование и наука потсетува дека од 1 до 5 ноември е отворен рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2024-2025 година.

Сите студенти кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале до сега, може да се пријават електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/.

Финансиската поддршка изнесува 140 денари и е наменета за купување храна, која студентите може да ја користат од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

На линкот https://mon.gov.mk/content/?id=8727 се наведени условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. 

Скопје – Она што јавноста го гледа сите овие години во рамките на „Киненова“ е резултат на макотрпна и долготрајна работа од мал и посветен тим. Верувам дека квалитетот ќе биде валоризиран од страна на институциите, бидејќи даваме придонес во целата филмска дејност, во подигање на квалитетот на филмското образование, но и на промоцијата на македонскиот филм, вели во интервјуто за МИА директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, Небојша Јовановиќ.

Фестивалот оваа година се одржа од 15 до 20 октомври. Официјалното отворање се случи со премиера на првиот македонски анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, беа прикажани повеќе филмови во главната програма со интересни содржини, а јавноста можеше да се запознае и со творештвото на лауреатот Улрих Зајдл.

Јовановиќ за МИА појаснува дека „Киненова“ се етаблира како голем меѓународен филмски фестивал, но тој е дециден дека поддршката во изминатите години не соодветствува со димензијата и со квалитетот.

Атина – Грција е земја со владеење на правото и го почитува правото на слободно изразување и правото на собири, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, одговарајќи на пратеничко прашање за форумот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во Солун и објасни дека станува збор за приватен собир, „приватна иницијатива, со исклучително ниско влијание“, јави дописничката на МИА од Атина.

Обединета македонска дијаспора заедно со НПО Крсте Мисирков, на 19 октомври во Солун го организираа вториот Форум за човекови права („2nd Thessaloniki Human Rights Forum“) со цел „подигнување на правата на малцинствата во Грција“, а независниот грчки пратеник Михалис Хурудакис со пратеничко прашање под наслов „Продолжуваат опасните провокации во срцето на Македонија“ побара одговори од министерот за надворешни работи на Грција.

 

Бејрут - Израелски воени авиони извршија најмалку десет напади врз Бејрут во текот на изминатата ноќ, соопшти утринава либанската национална новинска агенција (ННА).

Израелската армија во раните утрински часови издаде наредба за евакуација, јави Ал Џезира, додавајќи дека повеќето од 700.000 луѓе кои некогаш живееле во населбите си заминале.

Израелските напади ги погодија областите Гобеири, Ал Кафат, автопатот Сајед Хади, како и комплексот Ал Муџтаба и патот кон стариот аеродром.

Според извештаите на локалните медиуми, во нападите биле урнати многу згради, а на некои места избувнале и пожари. Во јужните предградија се уште има многу луѓе бидејќи прифатилиштата се полни и немаат каде да заминат.

Москва - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров планира да ја посети Малта во декември за учество на состанокот на Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Тоа ќе биде прва посета на Лавров на земја членка на ЕУ откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, објави денешниот весник „Ведомости“, повикувајќи се на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Амбасадата на Малта во Русија за рускиот весник потврди дека одлуката да се одржи состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ на тој остров „важи за сите членки, вклучително и за Руската Федерација“.

Москва – Шефицата на севернокорејската дипломатија Чое Сон-хуи денеска со воз пристигна во Москва, а беше пречекана од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Лавров и Чое на железничката станица Јарослав открија спомен плочата по повод посетата на Ким Ил-сунг на СССР во 1949 година.

- Билатералните односи помеѓу нашите земји достигнаа невидено високо ниво изминатите години благодарение на посебното внимание што на овие односи им го посветија рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот претседател Ким Џонг-ун, истакна Лавров на средбата со Чое.

Севернокорејската министерка наведе дека Пјонгјанг ќе биде покрај Русија до нејзината „победа“ во Украина.

Москва - Во еден од реакторите во нуклеарната централа Запорожје е откриено истекување вода и во моментов се работи на отстранување на дефектот, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Експерти на организацијата во вторникот го посетија блок бр. 1 по добивање на информации за истекување на вода во системот за поддршка на пумпата во средството за ладење на реакторот.

Руските медиуми пренесуваат дека за да се изведело заварување на проблематичниот дел потребно било да се намали притисокот во примарното коло до атмосферско ниво.

Во моментов е во тек радиографско тестирање на заварениот дел.

„Агенцијата ќе продолжи внимателно да го следи ова прашање, иако не гледаме никакви непосредни проблеми за нуклеарната безбедност“, се наведува во соопштението на МААЕ.

Вашинтон - Кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, поднесе тужба против американската телевизиска мрежа Си-Би-Ес (CBS), поради интервју со неговата ривалка Камала Харис, кое наводно ги довело гласачите во заблуда.

Тужбата, поднесена вчера во судот во Тексас, обвинува дека Си-Би-Ес њуз емитувала две различни изјави од демократската кандидатка за претседател Камала Харис на прашање поврзано со војната меѓу Израел и Хамас во Газа. Верзијата емитувана во програмата „60 Минути“ на 6 октомври го исклучила, како што се наведува во тужбата, неразбирливиот одговор на Харис за влијанието на администрацијата на претседателот Џо Бајден врз постапките на Израел во војната.

Републиканскиот кандидат во тужбата всушност го обвинува Си-Би-Ес за уредување на одговорот на Харис така што тој изгледал појасен.

Вашингтон – Американските конгресмени од Демократската партија соопштија дека ќе ја признаат евентуалната победа на републиканскиот кандидат Доналд Трамп, објави порталот Политико.

Тие истакнаа дека сакаат трансфер на власта без драма, без оглед на ставовите на некои конгресмени дека Трамп не е подобен да се врати на претседателската функција поради уставната забрана, имено 14-тиот амандман, со кој се забранува кој било федерален функционер кој „учествувал“ во бунт повторно да биде на функцијата.

Демократите со години го нарекуваа Трамп „бунтовник“ и бараа негово отповикување по 6 јануари 2021 година поради поттикнување насилство и сугерираа дека Уставот му забранува да се врати во Белата куќа.

Вашингтон - Демократската претседателска кандидатка Камала Харис ги предупреди гласачите вчера дека нејзиниот републикански ривал, Доналд Трамп, ќе ги укине програмите за здравствена заштита по пристапни цени, додека Трамп тврди дека има концепт за поинаков план.

На кратката прес-конференција, Харис ги потсети гласачите дека поранешниот претседател неуспешно се обиде да го укине Законот за достапна здравствена заштита, таканаречениот  Обамакер, а, исто така, рече дека неговите забелешки на митингот во средата биле навредливи за жените.

-На овие избори, здравствената заштита е во прашање, рече Харис во Медисон, Висконсин, пред да отпатува за Аризона и Невада.

Трамп веднаш реагираше на својата социјална мрежа „Truth Social“ и напиша дека никогаш не сакал да се ослободи од програмата.

Вашингтон -  САД очекуваат пристигнување на севернокорејската армија во руската област Курск во следните неколку дена, изјави шефот на американската дипломатија Антони Блинкен, повикувајќи ја Кина да го искористи своето влијание и да го заузда Пјонгјанг.

Блинкен рече дека Русија ги обучува севернокорејските војници во артилерија, беспилотни летала и основни пешадиски операции, со што јасно стави до знаење дека целосно имаат намера да ги користат силите во операциите на првата линија.

Првиот американски дипломат додаде дека во Русија веќе има 10.000 севернокорејски војници, од кои 8.000 се во Курскиот регион, каде што украинските сили сè уште држат голема територија по инвазијата на оваа руска територија во август.

-Севернокорејските војници ќе станат легитимни воени цели доколку влезат на бојното поле, нагласи Блинкен на прес-конференција во Вашингтон со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и јужнокорејските колеги.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен соопшти дека има значителен напредок во преговорите за евентуален прекин на огнот помеѓу Израел и либанската исламистичка организација „Хезболах“.

САД работат „многу интензивно“ на постигнување договор, кој би вклучил повлекување на поддржаното од Иран либанско исламистичко движење од регионот кој се граничи со Израел, нагласи Блинкен на синоќешната прес-конференција во Вашингтон.

- Ако ги погледнеме моите неодамнешни патувања во регионот и тековните дискусии, ќе видиме дека постигнавме добар напредок кон таа цел, додаде тој.

Но, „сè уште имаме работа што треба да ја завршиме“, призна државниот секретар, повикувајќи на „дипломатско решение, вклучително и прекин на огнот“.

Вашингтон - Околу 70 отсто од Американците изјавиле дека се „загрижени“ или „фрустрирани“ поради изборите, покажа најновата анкета, пренесува Анадолија.

Анкетата на истражувачкиот центар Асошиетед прес-НОРЦ  (Associated Press-NORC) открива дека демократите и републиканците имаат слични емоции во однос на изборите. Сепак, демократите се посклони кон „анксиозност“ во споредба со републиканците.

Неопределените се исто така фрустрирани, но „помалку возбудени, помалку заинтересирани и помалку загрижени“.

Афроамериканците чувствуваат „поголема возбуденост“ во врска со натпреварот на потпретседателката Камала Харис и поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп, во споредба со белците, и се помалку „фрустрирани“ од кампањата.

Хиспанците, исто така, се помалку „фрустрирани“ во врска со кампањата од белците.

Њу Делхи - Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека неговата земја не може да прави компромис ниту за еден сантиметар земја на своите граници, додавајќи дека луѓето веруваат во силата на армијата и нејзината способност да ја заштити Индија, јави индиската агенција ПТИ.

Кога ќе ги видат вооружените сили на Индија, непријателите на земјата „го гледаат крајот на нивните злобни планови“, им изјави премиерот на војниците стационирани во Заливот Сер во областа Куч во државата Гуџарат.

Областа се наоѓа во близина на индиско-пакистанската граница, а Моди таму традиционално секоја година го слави празникот Дивали (хиндуистички фестивал на светлината)  заедно со претставници на граничните безбедносни сили и од различни единици на армијата.

-Во минатото имаше обиди овој регион да се претвори во бојно поле. Непријателот одамна му има „фрлено око“. Но, ние не се грижиме се додека ја чувате земјата безбедна. Нашиот непријател исто така многу добро го знае ова, нагласи Моди.

Берлин - Според социолошка анкета спроведена во Германија, мнозинството граѓани го изгубиле трпението со нестабилната влада на тројната коалиција, пренесува ДПА.

Последната анкета на „Дојчланд Тренд“ за јавната телевизија АРД открива дека 54 отсто од анкетираните би сакале предвремени парламентарни избори.

Во исто време, 41 процент од испитаниците се согласни дека коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, составена од Социјалдемократската партија на Германија, Зелените и Слободната демократска партија (ФДП), треба да продолжи до редовните избори, закажани за 28 септември 2025 година.

Предвремени избори поддржуваат 93 отсто од приврзаниците на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и 75 отсто од поддржувачите на левичарската „Алијанса на Сара Вагенкнехт“.

Поддршката за предвремени избори изразиле и 69 отсто од поддржувачите на опозицискиот конзервативен блок – Демохристијаните  (ЦДУ/ЦСУ).

Остани поврзан