• сабота, 23 ноември 2024
МИА Флеш

   28 октомври 2024

 

 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека до почетокот на следната година можеби ќе има работна верзија на законот со кој ќе се спроведат најавените реформи во безбедносните структури со спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агецијата за разузнавање. 

Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски денеска изјави дека реформата е во согласност со праксата на земјите членки на НАТО Алијансата.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го видел писмото што му го испрати лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата, но истакнува дека мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин.

На новинарско прашање Мицкоски денеска истакна дека со големо внимание пристапува во комуникацијата со граѓаните. 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска коментирајќи ги изборите во Бугарија, истакна дека се надева дека во соседната државата ќе се формира влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на земјата во ЕУ.

Очекува Влада од најмалку три партнери, а за победата на партијата ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов, повтори дека тие се од исто семејство, односно од Европската народна партија.

Скопје – Постојат две можности делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите. Првата е во Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници кои се во фаза на разгледување, а втората е да се оди со посебно законско решение кое што ќе биде разгледувано во Собранието, порача денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Скопје – Потребни се дополните напори за развој на предучилишното образование, а земјава треба да направи дополнителни напори во две полиња и тоа пристап и квалитет, посочи Штефан Худолин, шеф за соработка во делегацијата на Европската унија  на денешната завршна конференција на проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“.

Скопје – Подготовка на програмата за туризам и фокус на културен туризам, нови закони од областа на образованието, меѓу кои и Законот за учебници, изградба на 30 спортски сали, капитални инвестиции во спортот, како и финансиски средства и помош за клубовите, федерациите и поединците се дел од приоритетните активности кои ресорните министри ги најавија во своето обраќање на настанот „Платформа: 100% посветени за тебе“ што се одржа во Владата, на тема „Мерки и политики за развој на образованието, културата и туризмот и спортот“.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска појасни дека најголемиот проблем со кој се соочиле во Министерството се закочените институции и немање доволно финансиски средства.

Скопје - Во Советот на јавните обвинители денеска свечена изјава дадоа новоизбраните јавни обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Вишото јавно обвинителство Скопје, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Вишото јавно обвинителство Битола.

Скопје – Распуштање на Советот на јавни обвинители не е опција, затоа што најголемиот број од членовите на се избрани на непосредни избори од страна на јавните обвинител, изјави претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска. 

Прашана за тоа како гледа на најавите за реформи на судскиот и обвинителскиот совет, Димитриевска рече дека членовите на советот и досега учествувале во сите работни групи кои работата на измени на закони. 

Скопје - Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонски грип досега се пријавени над 61.000 граѓани што, како што наведуваат, покажува голем интерес на граѓаните да се заштитат од компликации од сезонскиот грип. Во пунктовите за вакцинација веќе се вакцинирани над 19.000 граѓани.

- Почнувајќи од денеска, мобилните тимови од здравствените установи ќе спроведуваат вакцинација во домовите за стари лица. Вакцинацијата против сезонски грип претставува најефикасна мерка за превенција од грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи, се вели во соопштението.

Сараево - Неколку средни училишта во Сараево утрово добија дојави за поставени бомби, а училиштата кои ги добија пријавите се евакуирани за да можат припадниците на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево да извршат увид во просториите и да утврдат дали пријавата е лажна.

Како што објави порталот Кликс.ба (Klix.ba), ова е четврта недела по ред како дојави за бомби пристигнуваат во училиштата во Сараево, а полицијата истовремено апси осомничени. Наставата во евакуираните училишта продолжува вообичаено, како и претходниот месец, и покрај тоа што родителите се незадоволни од таквиот начин на работа.

Белград - Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави денеска во Белград, по средбата со унгарскиот претседател Тамаш Шујок, кој е во официјална посета на Србија, дека се надева дека ден пред отворањето на брзата пруга Суботица-Нови Сад, ќе биде потпишана изјава за воспоставување на брза пруга меѓу четири земји - Унгарија, Србија, Северна Македонија и Грција, односно од Будимпешта се до Патра во должина од 1.683 километри, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ кој пред две недели најави дека брзата пруга Суботица-Нови Сад ќе се отвори на 24 ноември, на денешната прес-конференцијата изјави дека тоа ќе биде неверојатен проект.

Белград - Во Специјалниот суд во Белград денеска продолжи судењето на Урош Блажиќ, кој изврши масовно убиство во селата Мало Орашје и Дубона. Паралелно, во негоавата куќа во Мало Орашје која ја обезбедува полицијата фрлена е запалива течност на тревата, но немаше никаква штета, ниту пак некој беше уапсен, јави дописникот на МИА од Белград.

Како и на сите претходни рочишта и денеска дојдоа бројни членови на семејствата и пријателите на загинатите и повредените во селата кај Младеновац.

Анкара – Вкупно 216 осомничени припадници на џихадистичката група Исламска држава се приведени во голема антитерористичка операција во Турција, објави на социјалната мрежа Икс турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Антитерористичката операција е спроведена во 45 области, меѓу кои Адана, Анкара, Анталија, Бурса, Ескишехир, Истанбул, Измир и Коџаели.

Брисел - Унгарскиот премиер Виктор Орбан се очекува денеска да пристигне во дводневна официјална посета на Грузија, но тој „не ја претставува Европската унија“, нагласи Жозеп Борел, цитиран од француските меидуми.

Орбан „денеска оди во Грузија (...) без сомнение да ја покаже својата поддршка за грузиската Влада“, рече Борел во интервју за шпанското јавно радио. „Што и да каже Орбан за време на неговата посета, тој не ја претставува Европската унија“, додаде шефот на европската дипломатија.

Брисел - Можам да потврдам дека севернокорејски војници се испратени во Русија, а некои од нив се стационирани во регионот Курск, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Марк Руте по заедничкиот состанок на Северноатлантскиот совет и претставниците на министерствата за разузнавање и одбрана на Јужна Кореја во седиштето на алијансата во Брисел.

Руте ги опиша овие акции како „значајна ескалација“ на војната во Украина и во име на НАТО повика тие веднаш да бидат прекинати.

Според него, продлабочувањето на врските меѓу Москва и Пјонгјанг е безбедносна закана.

Варшава - Украина мора да добие сѐ што ѝ е потребно од Западот за победа во војната против Русија, што е важно не само за Украина, туку и за цела Европа, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда.

Според британскиот Сандеј Тајмс, Дуда потенцира дека и покрај разликите меѓу Полска и Украина, неговиот став останува непроменет. - Секој сантиметар од украинската територија кој би ѝ бил препуштен на Русија како дел од договор би бил катастрофална грешка, изјави тој.

Осло - Норвешка постигна договор со САД за купување на противвоздушни ракети AIM-120C-8 AMRAAM во вредност од околу 362 милиони долари, соопшти норвешката војска.

- Со зголемениот број проектили, норвешките вооружени сили ќе имаат подобра способност да ја заштитат Норвешка од воздушни напади, изјави министерот за одбрана Бјорн Арилд Грам.

Овие ракети се наменети за копнениот систем за противвоздушна одбрана на Норвешка, но може да се користат и како проектили за борбените авиони F-35A.

Брисел – Генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), Џакомо Филибек го обвини лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер дека се обидува во формира ново мнозинство во Европскиот парламент составено од партиите на десницата, на сметка на веќе договореното центристичко мнозинство меѓу ЕПП, социјалдемократите и либералите. 

- Играта што ја игра Вебер е опасна и штетна за одржливоста на проектот на ЕУ. Она за што се договорија лидерите на трите (центристички) семејства во јуни беше создавање проевропско мнозинство за поддршка на следниот мандат на институциите на ЕУ. Проевропска позиција значи да ги браниме нашите заеднички вредности, а не да им овозможиме на радикалните десничари да го преземат креирањето политики, изјави Филибек.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека многу работи зависат од исходот на претседателските избори во Соединетите Американски Држави на 5 ноември, но не сè.

-Не е само лидерот тој ја менува политиката. Не знаеме кој ќе биде претседател, но поддршката за Украина од двете страни секако ќе остане. Во секој случај, Конгресот на САД, со кој развивме силни односи, ќе има влијание врз војната, без разлика кој е претседател, изјави Зеленски за индискиот весник Тајмс оф Индија, додавајќи дека, сепак, претседателот ќе ја обликува Американската надворешна политика затоа што тоа е негова уставна должност.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја одби иницијативата на Египет за краткорочно примирје со Хамас во Појасот Газа, јави Тајмс оф Израел.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси вчера предложи примирје со цел да се олесни потенцијална размена на заробеници, што би можело да доведе до подолготрајно примирје. Регионалните медиуми објавија дека Хамас е подготвен да го прифати предлогот за дводневен прекин на огнот, за време на кој би биле ослободени неколку заложници.

Техеран – Иран ќе ги употреби сите достапни алатки за да пружи јасен и ефективен одговор на ционистичкиот режим, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Исмаил Багеи алудирајќи на израелскиот воздушен напад пред два дена врз ирански воени цели.

Тој додаде дека „природата на одговорот на Иран зависи од природата на израелскиот напад“, но не даде детали.

- Израелскиот напад не треба ниту да се омаловажува, ниту да се преувеличува, посочи Багеи.

Москва - Русија ги отфрла обвинувањата дека се мешала во парламентарните избори во Грузија, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека тоа веќе стана стандард за многу земји.

-Не, немаше мешање, рече Песков и додаде дека имало обиди на „европски актери“ да влијаат на изборите, но не и од Москва.

Зборувајќи за резултатите од изборите во Грузија, тој рече дека тоа се избори на грузискиот народ. -Сега е многу важно ниту една трета земја да не се меша во резултатите на овие избори, рече тој.

Манила - Поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте на денешното сослушување во Сенатот изјави дека додека бил на чело на градот Давоа, раководел со „вод на смртта“, што бил составен од криминалци кои убивале други криминалци.

Дутерте призна дека некогаш, додека бил градоначалник на Давоа, а пред да стане претседател на Филипини, имал на располагање „вод на смртта“ составен од седум „гангстери“ кои се справувале со другите криминалци. Но, тој негираше дека ја овластил полицијата да убива илјадници осомничени за време на големите акции против шверцерите на дрога што тој ги нареди како претседател и сега е под истрага на Меѓународниот кривичен суд за можно злосторство против човештвото.

Лас Вегас - Адел се расплака на настап во Лас Вегас, откако ја виде и ја прегрна својата легендарна колешка, канадската пејачка Селин Дион, која се повлече од сцената поради болест.

Селин била на концертот заедно со своите синови - 14-годишните близнаци Нелсон и Еди. Додека ја изведуваше песната „When We Were Young“, британската поп-пејачка ѝ пријде на Канаѓанката и ја прегрна со солзи во очите. Специјалната посетителка, исто така расплакана, го прифати поздравот на својата 20 помлада колешка-музичарка.

Париз - Во спомен и чест на Емил Рејно, кој на 28 октомври 1892 година ја спровел првата проекција на цртан филм на целулоидна лента во Париз, денеска се одбележува Светскиот ден на цртаниот филм.

Шарл-Емил Рејно (1844 - 1918) е француски пронаоѓач кој го открил тн. праксиноскоп и е одговорен за првите проектирани анимирани филмови. Неговиот цртан „Светлечки пантомими“ (Pantomimes Lumineuses) првпат е прикажан на 28 октомври 1892, во неговиот роден Париз.

Мексико Сити - Бред Пит е фотографиран на Формула 1 патеката „Херманос Родригез“ во Мексико, каде што снимаше сцени за својот најнов филм „Ф1“, којшто би требало да се прикажува летото 2025 година.Американскиот глумец се појави на тркачката патека за време на квалификациите за Големата награда на Мексико, па мигот кога ја симна кацигата и заштитната капа предизвика општа возбуда кај сите присутни возачи, конструктори и посетители. Глумецот ги поздрави гледачите со мексиканско знаме во рацете.

Тагови

Остани поврзан