• понеделник, 28 октомври 2024
МИА Радио флеш

  28 октомври 2024

 

 

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски заедно со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска ќе извршат надзор во работата на автопатската делница Гостивар - Букојчани.

По извршениот надзор предвидено е изјава за медиуми да даде претседателот на Владата, Мицкоски.

Скопје - Во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска треба да се одржи јавна расправа за работните верзии на неколку закони за административни службеници и за вработените во јавниот сектор. 

На јавната расправа треба да бидат разгледани Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.

Скопје - Во организација на Комисијата за здравство, денеска во Собранието ќе се реализира активност за одбележување на месецот за подигнување на свеста за рак на дојка.

Предвидени се обраќања на собранискиот претседател Африм Гаши, претседателката на Комисијата за здравство, Рашела Мизрахи, советникот за здравство на премиерот, Игор Николов, како и на министерот за здравство Арбен Таравари.

Берово - Пожарот кај хотелскиот комплекс Манастир во Берово синоќа е ставен под контрола од пожарникари од ТППЕ Берово и околните места. Нема повредени лица, иако дел од гостите претходно биле евакуирани. Причинета е огромна материјална штета која допрва ќе се утврдува.

Скопје - Кинотеката денеска ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот ПИСМО на филмскиот и театарски режисер Васил Христов – Вуси. До крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.

Скопје - Во Владата денеска ќе се одржи настан „Платформа: 100% посветени за тебе“ на тема Мерки и политики за развој на образованието, културата и туризмот и спортот“.

Како што најавија од владината прес-служба, на настанот учество ќе земат министрите за ообразование и наука Весна Јаневска, за култура и туризам, Зоран Љутко и за спорт Борко Ристовски. Пред присутните ќе се обратат и Оливер Арсовски, в.д. директор на Национална опера и балет, Драги Митревски, член на Национален совет за културно наследство и Андријана Зафировска, продекан на Факултет за физичка култура.

Скопје - Со конференција на тема „Политики за медиумска писменост во ерата на вештачката интелигенција“ Мрежата за медиумска писменост денеска го отвора шестото издание на Деновите на медиумска писменост 2024. Планираните активности што ќе траат до 4 ноември ќе се одвиваат под мотото „Твојата свесност е најважниот филтер“.

Отворањето на ДМП 2024 е најавено за во 9 часот во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, по што од 09:30 до 10:30, ќе се одржи работилница на тема „Вештачката интелигенција и авторските права“, организирана од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во соработка со Сојузна Република Германија. Следува панел дискусија на тема „Етика во користењето на вештачката интелигенција“, организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права, која ќе се одржи од 10:45 до 11:45. Денот ќе заврши со работилница на тема „Политики за развој на свесноста за ризиците од дезинформации“, организирана од Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), која ќе се одржи од 12 до 13 часот.

Скопје - Промоција на две македонистички изданија на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, ќе се одржи денеска напладне во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, при УКИМ.

Станува збор за зборници на трудови во издание на Катедрата за славистика при Институтот за славистика и балтичка филологија, објавени во реномираната едиција „Opera Slavica Budapestinensia (Linguae Slavicae)”. Приредувач на двете изданија е Златко Панзов, а преводот од македонски на унгарски јазик е на Анамарија Цинеге-Панзова.

Битола - Студентите на Педагошкиот факултет, но и другите кои студираат на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола од неодамна имаат на располагање прирачник за медиумска писменост во високото образование. Содржините на публикацијата „Секоја вест на тест“ ги составија универзитетските професори Виолета Јанушева, Данче Сивакова Нешковски, Јове Димитрија Талевски, Милена Пејчиновска Стојковиќ, асистентката Марија Стојаноска, а креативен придонес имаа и студентите Димитар Атанасовски, Бојана Мандровска, Благица Наумова и Ева Нешкоска, чија единствена цел како што нагласуваат, е во денешниот свет преполн со различни медиуми и информации, токму со медиумска писменост да се развиваат вештините за критичко размислување, но и да се разбира начинот на кој медиумите ги обликуваат културата и општеството.

Скопје - Саем за студии во Франција, ќе се одржи денеска во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, во организација на Францускиот институт во Скопје и француската Агенција за високо образование Кампус Франс.

Овој традиционален настан официјално ќе биде отворен со поздравни говори на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, амбасадорот на Франција,  Кристоф Ле Риголер и директорите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилности – Еразмус+ Марко Ѓоргиевски и на НУБ „Св. Климент Охридски“ Јовица Никчевски.

Скопје - Со концерт на најдобрите млади гитаристи денеска почнува 15-то издание на Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло“, во организација на Детскиот културен центар.

Концертот ќе почне од 19 часот во Музејот на македонската борба. Утре во истиот термин во Националната филхармонија ќе настапат El Sonido De La Vida - Carlos Sancez од Шпанија, а задутре во Музејот на македонската борба ќе настапат Jimmy Liu (Shih-yu Liu) од Tајван и Cassie Martin од Франција.

Букурешт - Со две победи над Вудард Дарел од САД и Андреу Петрос од Кипар, македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски викендот обезбеди финале и сребро на светскиот Г1 куп во Букурешт, Романија.

- Во финалето се сретнавме добро познатиот репрезентативец на Франција Ел Омар, до сега четири пати сме успеале да го добиеме, но денеска беше негов ден. Одиме по зацртаната патека, олимписките игри во Лос Анџелес 2028 се наш следен предизвик. Чекориме по највисоките светски олимписки стандарди, тоа е критериум кој го поставивме и живееме за да го негуваме. 
За Македонија со срце! – објавија од Македонската таеквондо федерација.

Софија - Десничарската партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов е победник на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, седми во последните две години, покажуваат првичните прелиминарни резултати од гласањето.

ГЕРБ освои 25 отсто од гласовите, што е за околу 10 отсто повеќе од реформистичката коалиција на партијата „Промените продолжуваат“ и десничарската Демократска Бугарија.

Њујорк - Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итна седница на барање на иранската мисија поради израелскиот напад врз Иран ноќта меѓу петокот и саботата, објави вчера швајцарскиот претставник, кој во моментов претседава со СБ на ОН.

Швајцарската мисија во ОН соопшти дека средбата ја побарал Иран со поддршка на Алжир, Кина и Русија. Претходно денеска, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во писмо до генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го повтори повикот за итна седница на Советот за безбедност на ОН и рече дека Иран го задржува правото да одговори на „криминалната агресија“ на Израел.

Лондон - Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами изјави дека вчера имал одделни телефонски разговори со својот израелски и ирански колега, во обид да се избегне ескалација и „катастрофална“ војна во регионот. 

Лами, во изјавата по израелскиот воздушен напад врз воени цели во Иран, рече дека вчера „имал важни разговори“ со израелскиот министер Израел Кац и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, пренесуваат британските меидуми. 

Техеран – Врховниот командант на Иранската револуционерна гарда, Хосеин Салами, денеска го предупреди Израел дека ќе има „горчливи последици“ за израелските напади врз воените објекти во Иран во саботата, објавија иранските медиуми.

Салами рече дека Израел „не успеал да ги постигне застрашувачките цели“ на нападите, нарекувајќи го „погрешно проценување и беспомошност“.

Тој предупреди дека „горчливите последици ќе бидат незамисливи“ за Израел кој се бори против организациите поддржани од Техеран во Газа и Либан.

Ерусалим - Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и безбедносната служба Шин Бет последните денови разговараа за заштита на вилата на семејството Нетанјаху во Цезареја, по нападите со дронови врз приватната вила на премиерот минатата сабота, во која оклопните прозорци беа оштетени.

Истовремено ќе се испитува и заштитата на премиерската резиденција во Балфур, а работата би можела да чини и до 1,3 милиони долари, пренесуваат израелските медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори.

Тел Авив - Израелскиот парламент денеска треба да гласа за два контроверзни нацрт-закони кои ќе воведат огромни ограничувања на работата на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).

Целта на нацрт-законот, кој беше предложен од членовите на парламентот и од владата и од опозицијата, е УНРВА да биде прогласена за терористичка организација и да им се забрани на израелските власти да имаат каков било контакт со организацијата. Исто така, ќе се забрани работата на агенцијата на територијата окупирана од Израел.

Ерусалим - Израелскиот претседател Исак Херцог вчера во име на израелската држава им се извини на роднините на жртвите од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.

-Овде стојам како претседател на државата Израел и се извинувам, рече Херцог за време на вчерашната церемонија во Ерусалим.

Тој призна дека безбедносниот апарат направил грешки, но сака истрага само кога ќе заврши војната во Појасот Газа.

Њујорк - Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп вчера го предводеше предизборниот митинг во Медисон Сквер Гарден во Њујорк, кој започна со низа вулгарни и расистички изјави на сојузниците на поранешниот американски претседател.

Трамп на митингот вети дека ќе ја спречи „инвазијата на криминалците кои доаѓаат во земјата“ доколку победи на изборите на 5 ноември, нарекувајќи ја Харис „личност со многу низок коефициент на интелигенција“.

Вашингтон  - Американскиот претседател Џозеф Бајден најави дека денеска ќе излезе на рано гласање на претседателските избори, соопшти Белата куќа.

Изборните прописи во САД им дозволуваат на многу Американци да гласаат однапред, пред денот на изборите, 5 ноември.

На почетокот на оваа година Бајден одлучи да се повлече од претседателската трка и ја препушти кандидатурата на Демократската партија на потпретседателката на САД Камала Харис, која сега се натпреварува со републиканскиот претседателски кандидат, поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Доха - Во Доха почнаа преговорите за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа, јави Си-Ен-Ен повикувајќи се на неименуван извор.

Претходно медиумите објавија дека главните преговарачи од САД, Израел и Катар треба да ги започнат преговори во текот на оваа недела.

Ова е прва рунда разговори на високо ниво по повеќе од два месеци, а според Си-Ен-Ен, американските власти се залагаат за обновување на разговорите по убиството на еден од лидерите на Хамас, Јахја Синвар.

Вилнус - Социјалдемократите се најсилна политичка сила на вториот круг од парламентарните избори во Литванија, соопшти изборната комисија во Вилнус доцна синоќа, по пребројување на гласовите од речиси сите изборни окрузи.

Со 52 од вкупно 141 место во Сејмсот (парламентот), опозициската партија е на чекор до трансформација на владата на Литванија, јави ДПА.

Ла Паз - Поранешниот боливиски претседател Ево Моралес ја обвини владата на неговиот некогашен сојузник Луис Арсе дека се обидела да го убие минатата ноќ, откако неговиот автомобил бил погоден со куршуми во заседа, јавија британските медиуми.

Моралес, чии приврзаници со недели поставуваат блокади на патиштата во знак на поддршка на загрозениот поранешен претседател, објави видео на Фејсбук на кое се гледа како на совозачкото место има дупки од куршуми на ветробранското стакло на автомобилот.

Москва - Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека во текот на изминатата ноќ руските сили за воздушна одбрана уништиле 21 украински дрон.

-Руските единици за воздушна одбрана (ПВО) уништија 21 украински дрон во текот на изминатата ноќ. Тринаесет беспилотни летала се уништени над регионот Белгород, шест над регионот Брјанск, кој исто така се граничи со Украина, додека преостанатите два се уништени над регионите Воронеж и Курск, се вели во соопштението на Министерството објавено на Телеграм.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека во текот на неделата се очекуваат нови дипломатски вести и дополнителни пакети поддршка за Украина.

- Денеска се подготвуваме за работа со партнерите за неделата пред нас, особено со нашите европски партнери – со оние кои многу фундаментално и ефикасно нè поддржуваат. Создадовме нов формат на соработка – Украина плус северноевропските земји. Во рамките на овој формат, постојано ја зголемуваме нашата соработка, било да е одбранбена, политичка или економска. Во сржта на ова е нашата заедничка визија за Европа каква што сакаме да им ја оставиме на идните генерации, истакна Зеленски во вечерното видео-обраќање.

Токио - Јапонската владејачка коалиција предводена од Либерално-демократската партија (ЛДП) и помладиот коалициски партнер Комеито го загуби парламентарното мнозинство на последните избори, што ја зголеми неизвесноста околу составот на следната влада и иднината на четвртата најголема економија во светот.

Остани поврзан