• понеделник, 25 ноември 2024

Мицкоски за оставката на Комисијата за помилување: Кога ќе се констатира грешката, ако се превземе одговорност, тогаш тоа е доблесно

Мицкоски за оставката на Комисијата за помилување: Кога ќе се констатира грешката, ако се превземе одговорност, тогаш тоа е доблесно

Скопје, 27 октомври 2024 (МИА) - Жив човек кој работи, знае и да погреши. Кога ќе се констатира грешката, ако се превземе одговорност, тогаш тоа е доблесно, е коментарот на премиерот Христијан Мицкоски за колективната оставка што вчера ја поднесоа членовите на Комисијата за помилување по реакциите во јавноста за последното помилување по повод празникот 23 Октомври. 

- Констатирана е очигледно грешката и единственото нешто што тие го имаа како морален чин е да се повлечат и тие тоа и го направија, така што очекувам тука да се затвори таа тема во јавноста, изјави денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата по потпишувањето на првата транша од 250-те милиони евра наменети за капитални инвестиции во општините.

Комисијата за помилување синоќа си поднесе колективна оставка, која беше експресно прифатена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова. 

За колективната оставка на Комисијата информираше професорот Гордан Калајџиев на Фејсбук, наведувајќи дека оставката ја поднесуваат од лични и професионални принципи. 

- Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи, стои во објвата на Фејсбук потпишана од проф.др Методија Каневчев, проф.др. Гордан Калајџиев, проф.др. Арлинда Кадри Шахиновиќ, др. Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

Од Кабинетот на Сиљановска-Давкова информираа дека претседателката ја прифатила оставката и дека во следниот период ќе изврши консултации за новиот состав на Комисијата, како и за институционалните и законски слабости што постојат во системот за помилување на осудени лица.

- Членовите на Комисијата за помилување денеска ја информираа претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека поднесуваат колективна оставка од позициите во Комисијата. Одлуката за поднесување на колективна оставка од Комисијата за помилување членовите ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи. Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири, стои во соопштението од Кабинетот на претседателката.

Претседателката Сиљановска Давкова по повод празникот 23 Октомври, по препорака на Комисијата за помилување, помилува десет осуденици. Одлуката беше објавена во Службен весник на 22 октомври, а неколку имиња кои се најдоа на листата на помилуваните предизвикаа жестока реакција во јавноста - поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, Марјан Ефремов, првообвинет во аферата „Шпион“, Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче и Акиф Равманоски кој се поврзува со криминалната група „Барон“ од Арачиново. Равманоски при пуштањето од затворот Идризово веднаш беше уапсен под сомневање за извршен обид за убиство. бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан