
27 јануари 2025
Скопје - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска упати честитка по повод празникот Свети Сава.
-Во мое лично име и во име на Министерството за јавна администрација, дозволете ми искрено да Ви го честитам празникот Свети Сава, кој претставува еден од најзначајните празници за српската заедница. Свети Сава е симбол на мудрост, духовност и обединување, а неговото дело нè потсетува на важноста од зачувување на традициите, вредностите и културниот идентитет. Неговото наследство продолжува да инспирира генерации и да поттикнува заемна почит и разбирање меѓу заедниците, пишува Минчев во честитката.
Скопје – Оваа недела ќе ги има шесте биолошки лекови што недостигаа за пациентите од Клиниката за онкологија, потврди министерот за здравство Арбен Таравари. И директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, соопшти дека дефицитот наскоро ќе биде решен – за дел со донации, а за дел од лековите со анекси на договорите во јавните набавки.
Во изјава за медиумите Таравари рече дека нема недостиг на целата онколошка терапија туку, рече, „90 отсто од лековите што се користат како онколошка терапија ја има во Клиниката за онкологија“.
Скопје – Невозможно е четворица обвинети, кои еднаш го признаа кривичното дело, а потоа го повлекоа, досега во текот на оваа постапка да немаат ниту едно прашање да постават или да приговараат на било каков доказ. Тоа ни укажува дека во конкретниот случај можеби тие се заложници во овој кривично правен настан или дека веќе можеби преговарале за исходот на оваа постапка, а се од причина единствено првообвинетиот Љупчо Палевски да биде лицето кое го извршило ова кривично дело, изјави бранителот на Палевски, адвокатот Маријан Витановски.
Не може, рече Витановски, сведоци десет пати да бидат прашани дали Љупчо Палевски има пиштол, а никој друг од обвинетите да не бидат прашан.
Скопје – Обвинителството има преземено доволно дејствија, сите наводи на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо се неосновани, изјави јавната обвинителка Жаклина Крстевска.
Според Крстевска, очигледно е дека обвинетиот Љупчо Палевски поднесеното барање за изземање го искористи да ги изнесе сите свои наводи кои што начелно му одат во поткрепа на негова одбрана.
-Доказите се приложени во списите од предметот и очигледно е дека со презентирањето на видео записите се доближуваме до делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија конкретно ги преземал обвинетиот Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметните настани, изјави Крстевска, одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд Скопје.
Скопје - Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи изработи видео за промоција на мир и соживот.
Во промотивното видео, преку цитирани делови од Светите книги и личности кои ја отсликуваат самата верска заедница, се упатуваат пораки до верниците и имаат за цел да промовираат мир и соживот.
Скопје - Во текот на изминатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале приближно 50 кубни метри отпад од повеќе диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир и Карпош.
Во општината Чаир било интервенирано на улицата „Славеј Планина“, во непосредна близина на скопското Теќе, каде што се подигнати 15 кубни метри отпад од картонски пакувања одложени на јавна површина.
Делчево - Во гимназијата „Методи Митевски - Брицо“ во Делчево денеска почнаа активности од третиот циклус во рамки на проектот „Суперучилишта“, во кој учествуваат заедно со партнерското училиште „Средња стручна школа“ од Пирот, Р.Србија.
Овие две училишта се единствените кои по трет пат се дел од RYCO програмата за училишна размена во Западен Балкан, што има за цел да го поддржи процесот на градење на мир и помирување и интеркултурно учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници.
Босилово - Општина Босилово отвори етно катче во општинската зграда, кое чини само седум илјади денари, објави градоначалникот Ристо Манчев на неговиот фејсбук профил.
- Дипломати, амбасадори, гости и добронамерни посетители може да уживаат во прекрасниот амбиент кој ја отсликува македонската традиција и начин на живот од 19 и 20 век. За мене, лично оваа е важна, убава и креативна активност, иако истата финансиски чини само 7000 денари. Благодарност до сите донатори, напиша Манчев.
Дебар - Во општина Маврово и Ростуше минатата година исплатен е еднократен паричен надоместок за 39 новороденчиња, што е двојно повеќе од претходната година.
-Во текот на минатата година, доделивме 39 ваучери, односно еднократен паричен надоместок, што е за 20 повеќе споредено со претходната или 13 повеќе споредено со 2022 година. До септември надоместокот беше во износ од по 5 илјади денари, по што тој е зголемен на 9 илјади денари. Во првиот месец од годинава, до денес, сè уште немаме новороденче, изјави за МИА, Букурија Беќири, раководител на одделението за човечки ресурси во општината.
Македонска Каменица - Баскет Кам е најуспешен женски спортски колектив, индивидуални награди и за претседателот Јордан Цветановски и Ивана Кметовска, но и Моника Зафировска...
Овој викенд, Домот на Културата“ во Македонска Каменица, како никогаш во изминатиот период, не бил исполнет, буквално до последното место.
А поводот, многу голем, спортски, премиерен избор на најдобрите во спортот во Македонска Каменица за 2024 година.
Брисел – Со одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, на 80-тата годишнина од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау каде беа убиени 1,1 милиони лица, се сеќаваме на невидените ужаси на Холокаустот, порачаа членовите на Европскиот совет во заедничка изјава по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот - 27 јануари.
Варшава - Полскиот претседател Анджеј Дуда се присети на жртвите на нацистите на спомен-обележјето Аушвиц-Биркенау, каде што денеска започнаа одбележувањата на 80-годишнината од ослободувањето на логорот.
- Ние, Полјаците, на чија земја окупирана од нацистичка Германија беше изградена оваа индустрија на истребување и овој концентрационен логор, денес сме чувари на сеќавањето, изјави Дуда.
Говорејќи на комеморацијата, тој потсети дека во германскиот нацистички концентрационен и истребувачки логор Аушвиц-Биркенау убиени се 1,1 милион луѓе од различни националности, пред сè Евреи, но и Полјаци, Руси и Роми.
Атина – Наша должност е да ја интензивираме колективната борба против антисемитизмот, расизмот, нетолеранцијата и дискриминацијата и да работиме заедно за мирен соживот на луѓето, истакнаа од Министерството за надворешни работи на Грција во соопштението за Меѓународниот и национален ден на сеќавање на Евреите жртви на Холокаустот, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчкото МНР, по повод 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, посочуваат дека меѓу шесте милиони Евреи, кои беа истребени од нацистите низ цела Европа, 67.151 беа Грци.
Берлин – Еднодневен штрајк на вработените во јавниот транспорт во Берлин денеска предизвика големи прекини во главниот град на Германија, бидејќи повеќето автобуси, трамваи и подземните железнички линии U-Bahn прекинаа со работа.
Транспортните работници ја напуштија работата во 3 часот наутро и треба да останат во штрајк до 3 часот наутро во вторник, изјави за ДПА, преговарачот на синдикатот Верди, Џереми Арнд.
Влезовите на станиците на U-Bahn во Берлин беа заклучени, а работниците што штрајкуваат со знамиња на синдикатите се собраа пред депоата. Сепак, приградската железничка мрежа S-Bahn, со која управува националниот железнички оператор Дојче Бан, остана во функција.
Киев - Претседателот на Украина Володимир Зеленски, денеска, по повод Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот порача дека ова злосторство никогаш не смее да се заборави и никогаш да се повтори.
„Тоа беше смислен обид на нацистите да избришат еден цел народ, да ги убијат сите негови припадници, да уништат сè што нè потсетува на Евреите. Шест милиони жртви. Злосторството на Холокаустот никогаш не смее да се повтори, но за жал, сеќавањето на Холокаустот постепено бледее, а злото што се обидува да ги уништи животите на цели народи и понатаму постои во светот“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска за време на неговото сведочење во судскиот процес против него за наводна корупција изјави дека обвинителството ја „излудува земјата“ со бесмислените обвинувања против него.
Израелскиот премиер посочи дека „природно е премиерот да се обидува да влијае на медиумите“ и негираше дека сопственикот на веб-страницата „Вала“ му дал „специјален третман“, пренесува „Тајмс оф Израел“.
„Тие (обвинителството) ја излудеа целата земја поради една веб-страница. За што ме обвинија, зошто седам овде? Поради глупости. Тие ја измислија оваа идеја (за посебен третман) за да имаат за што да ме обвинат“, изјави Нетанјаху.
Тел Авив – Израелските медиуми денеска објавија дека Хамас наводно спроведувал процес на „забрзана рехабилитација“ на заложниците пред нивното ослободување.
На заложниците им била давана нутритивна храна и стимулативни средства непосредно пред ослободувањето со цел да се создаде впечаток дека биле добро третирани.
Брисел – Лидерите на ЕУ денеска, по повод Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, укажаа на „невиден пораст на антисемитизмот“ на европскиот континент, кој не е забележан од Втората светска војна и порачаа дека се решени да се борат против антисемитизмот и за заштита на еврејскиот начин на живот во Европа.
- Никогаш повеќе е сега, нагласија лидерите на ЕУ во изјава објавена на веб-страницата на Европскиот совет.
Во исто време, тие остро го осудија „загрижувачкиот пораст на насилни антисемитски инциденти“, негирањето и искривувањето на вистината за холокаустот, како и теориите на заговор и предрасудите против Евреите.
Краков - Претседателот на Украина Володимир Зеленски пристигна во Полска за одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц, соопшти портпаролот на Зеленски, Серхиј Никифоров.
Денеска се одбележува денот кога Црвената армија го ослободи еден од најголемите нацистички логори на смртта, кој се наоѓал на територијата на окупирана Полска. Руска делегација не е поканета на одбележувањето веќе трета година по ред, односно од кога ја почна инвазијата на Украина.
Никозија – Службата за внатрешна безбедност на Израел издала упатство до израелските авиокомпании, сите летови од и кон Кипар да се вршат само во градот Ларнака и да ги откажат оние кон градот Пафос, објавија кипарските медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, оваа одлука е од безбедносни причини, а од амбасадата на Израел во Република Кипар, во изјава за кипарската новинска агенција ЦНА, рекле дека „поради различни безбедносни прашања, донесена е одлука израелските авиокомпании привремено летовите од и до Кипар да ги вршат во Ларнака“.
Минск - Централната изборна комисија (ЦИК) на Белорусија денеска потврди дека Александар Лукашенко на вчерашните избори е реизбран за претседател на земјата со речиси 87 отсто од гласовите, пренесоа американските медиуми.
Лукашенко победи убедливо со 86,82 отсто од гласовите. Останатите кандидати се далеку зад него: Сергеј Сиранков со 3,21 отсто, Олег Гајдукевич доби 2,02 отсто, Ана Канопатскаја - 1,86 отсто, а Александар Хижњак - 1,74 отсто, објави ЦИК.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин денеска му честиташе на Александар Лукашенко за неговиот реизбор за претседател на Белорусија.
- Убедливата победа на изборите јасно укажува на вашиот висок политички авторитет, како и на непобитната поддршка на населението за политиката што ја води Белорусија, рече Путин.
Како што изјави рускиот претседател, двајцата неодамна придонесоа многу за зајакнување на пријателските односи меѓу Москва и Минск.
Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска порача дека САД го одбележуваат Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, кој беше прогласен од Обединетите нации за да ја означи годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари 1945 година, најголемиот нацистички логор на смртта.
„Свечено се сеќаваме на шесте милиони Евреи кои систематски беа убиени низ Европа од страна на нацистите и нивните соработници, како и на милионите други кои ги загубија животите. Им оддаваме почит на преживеаните, им благодариме на ослободителите и ја обновуваме нашата заедничка посветеност на човековата слобода и правда“, се наведува во изјавата од кабинетот на Рубио.
Москва - Русија се уште нема добиено сигнали од САД за евентуален контакт или средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков посочи дека Путин се уште е подготвен да се сретне со Трамп за да разговараат за прашања кои се во интерес на двете земји, пренесуваат руските медиуми.
Киев - Севернокорејските војници кои се борат на страната на Русија повеќе би сакале да се разнесат со рачна граната отколку да се предадат, изјавија украинските војници кои на терен наидоа на неколку севернокорејски војници.
Тие за Скај Њуз изјавија дека севернокорејските војници одбиваат да бидат фатени живи.
Командантот на украинските специјални сили рече дека севернокорејските трупи се чини дека привремено се повлекле од линијата на фронтот во Русија, откако претрпеле големи загуби.