
12 февруари 2025
Скопје - Амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје на средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја информирал за планираните активности на Мисијата во 2025 година, посочувајќи ги, како приоритетни областите: владеење на правото, основните човекови права и социјалната кохезија, доброто управување, младинските политики и родовата еднаквост.
Скопје - Во текот на ноќта и утре претежно во планинските региони ќе има појава на слаб повремен снег, а на повисоките места во западните делови од повремен дожд кој може да замрзнува на тлото и кој ќе преминува во снег.
Како што најавуваат од УХМР, потоа ќе продолжи променливо облачно време претежно во планинските региони со услови за појава на слаб повремен дожд, а на планините со услови за слаб повремен снег. Во петок ќе засилува југоисточен ветер.
Скопје - Собранието го усвои дневниот ред на 34-тата седница откако беше дополнет со неколку предлози за измена на закони по скратена постапка, но не продолжи со расправа по точките од утврдениот дневен ред туку со прашања од опозициски пратеници.
Беа усвоени предлозите на ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка да се разгледуваат предлозите за измени и дополнувања на: Законот урбанистичко планирање, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за поштенски услуги, Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, Законот за Народен правобранител и измени на Законот за работни односи.
Скопје - Нашиот став во врска со Предлог-законот за пратеници кој се однесува на патните трошоци на колегите од Левица останува принципиелен - ќе ги игнорираме сите предлози чија единствена цел е популизам и креирање театар на секоја тема, истакна на денешната прес-конференција Даниела Белимова, пратеничка на Движењето ЗНАМ.
-Во врска со предложените измени на Законот за пратеници а во однос на патните трошоци сакаме да ја информираме јавноста дека во рамките на нашите заложби за максимална транспарентност и највисок степен на општествена одговорност, пратениците од Движење ЗНАМ - За наша Македонија ниту досега наплаќале, ниту од сега ќе наплаќаат патни трошоци. Само еден колега од пратеничката група за седум месеци има приближно има добиено 30 илјади денари по сите основи - гориво, патарини и амортизација, што претставува помалку од реално направените трошоци за превоз од и до Собранието, рече таа.
Скопје - Објавен е вториот јавен повик на кој општините може да аплицираат за добивање на финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти. Може да аплицираат сите општини за добивање на финансиски средства до 15 милијарди денари за проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието. Апликативните формулари треба да се достават до Министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства најдоцна до 30 април.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата рече дека овој јавен повик е креиран согласно барањата на градоначалниците и во него има поволни услови. Очекува да се искористат планираните средства затоа што, вели, општините имаат инфраструктурни проблеми.
Скопје - Полицијата ноќеска 20 минути по полноќ часот на подрачјето на Карпош во Скопје со судска наредба извршиле претрес во дом и други простории на И.Ј.(26) и Ф.Ј. (24) од Скопје. Во домот бил затекнат Ф.Ј.(24), а при претресот, под седиштето на мотоцикл, кој бил во подрумот, биле пронајдени и одземени околу еден килограм марихуана и дигитална вага.
Скопје - Уставниот суд денеска расправаше за иницијативата за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година кои вклучуваа намалување на казните за функционерите, што предизвика реакции и спротивставени мислења за уставноста на законот. Мнозинството од судиите сметаат дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен и има далекусежни последици, но дел од нив тврдеа дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.
Судијата известител, Елизабета Дуковска, образложувајќи го рефератот на почетокот од втората седница на Уставен суд, посочи дека наводите на подносителот се неосновани и предложи судот да ја отфрли иницијативата.
Скопје - Државниот завод за статистика денеска излезе со податоци дека во декември биле издадени 287 одобренија за градење, што е за два процента помалку во однос на истиот месец лани.
Предвидената вредност на објектите изнесува 4 954 058 илјади денари што е за 22,6 проценти помалку во однос на истиот период минатата година.
Скопје – Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, денеска, во врска со донесената одлука на Владата за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, вели дека досега до Советот на јавни обвинители не е доставен таков предлог.
– Досега до Советот нема доставено никаков предлог, кога ќе биде доставен предлогот ќе се произнесеме, вели Димитриеска.
Скопје – Весна Дамева и Тања Чачарова Илиевска, членови на Судскиот совет, за кои владејачкото мнозинство поднесе интерпелации со Собранието денеска изјавија дека ги анализираат документите и дека ќе го соопштат својот став во јавноста. Чачарова Илиевска смета дека во интерпелацијата за неа се зборува за колективна одговорност.
Интерпелацијата поднесена во Собранието ја добив доцна во текот на вчерашниот ден и во фаза сум на анализирање на причините и генерално на нејзината содржина. Кога ќе го изградам својот став ќе ѝ биде соопштено на јавноста, нема да остане јавноста без одговори, односно без мое произнесување, изјави членот на Судскиот совет Весна Дамева по поднесените интерпелации во законодавниот дом од страна на пратеничките групи на владејачката коалиција за пет членови на Судскиот совет.
Скопје - Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област (НКТ) денеска ја одржа првата конститутивна седница со која претседаваше министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
Како што соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади, во своето обраќање пред присутните членови министерот Лимани се осврнал на важноста на борбата против дискриминацијата која претставува кршење на човековите права и напад врз општеството во целина.
Штип – Директори на средни училишта од Штип, Скопје и Битола од Државниот испитен центар имаат побарано соодветен простор за организирање на државната матура за средношколците во мај и јуни. Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска денеска оствари средба со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, Дејан Мираковски со цел да им се излезе во пресрет на штипските средни училишта за организирање на полагањето на државната матура во предавалните и амфитеатрите на Факултети на УГД-Штип, бидејќи училиштата немаат доволно простор согласно утврдените прописи за полагање на државната матура.
Штип – Во куќа на улицата „Мирче Ацев“ во централното градско подрачје на Штип претпладнево избувна пожар. Нема повредени во пожарот. Десет пожарникари со три возила го гаснеа пожарот, кој ја зафати кровната конструкција на куќата. Според информациите од командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов пожарот е ставен под контрола. Дополнително ќе се утврдува за причините на пожарот.
Москва - Дмитриј Медведев, заменик-претседател на моќниот руски Совет за безбедност, го отфрли како „глупост“ предлогот на Киев за размена на делови од руската територија што ја држи за делови од Украина под контрола на Москва.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за весникот Гардијан дека планира да и понуди на Русија директна размена на територија за да се стави крај на војната.
Мадрид - Едно лице загина, а две се водат за исчезнати кога брод со околу 80 мигранти се преврте на околу 20 километри од Ел Хиеро, еден од Канарските острови, соопштија денеска официјални лица.
Осум лица побарале лекарска помош, од кои едно е во тешка состојба, пренесува шпанскиот медиум Ла Разон.
Вашингтон - Претставниците на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислуваат да затворат неколку американски конзулати и дипломатски претставништва ширум светот за да ги намалат трошоците во Стејт департментот, објави Ен-Би-Си Њуз.
Конзулатите во Европа, Канада, Мексико и Пацифичките острови се меѓу оние што би можеле да бидат затворени.
Официјални лица потврдија дека Трамп ја разгледал листата на конзулати, но дека сè уште не е донесена конечна одлука и дека не е поставена временска рамка за какви било потенцијални затворања.
Сиднеј - Двајца здравствени работници во австралиската држава Нов Јужен Велс се суспендирани откако се појави видео на социјалните мрежи во кое велат дека „ќе одбијат да лекуваат израелски пациенти и ќе ги убијат“, јави ДПА.
Клипот, поставен на ТикТок, прикажува маж и жена кои носат престилки за здравствената служба на Нов Јужен Велс како разговараат со израелски инфлуенсер. Двајцата здравствени работници даваат голем број антиизраелски коментари на краткото видео, кое било отстрането околу 12 часа по неговото објавување.
Дака - Обединетите нации го обвинија соборениот режим во Бангладеш, предводен од поранешниот премиер Шеик Хасина, за потенцијално извршување злосторства против човештвото за време на бруталното справување со минатогодишните протести во кои, наводно, загинаа 1.400 луѓе, јави ДПА.
Последниот извештај на Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, објавен денеска во Женева, нашол докази за формална политика чија цел е насилно да ги нападне антивладините демонстранти и нивните поддржувачи.
Лозана - Олимписката шампионка во бокс Иманe Келиф изјави дека планира да ја тужи Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) поради наводите на организацијата во врска со учеството на Алжирецот на Игрите во 2024 година.
На 10 февруари, ИБА објави дека поднела формална жалба против Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) поради тоа што дозволил алжирски боксер кој паднал на половиот тест да се натпреварува на Олимпијадата во 2024 година. Во телото на спортистот е откриено покачено ниво на тестостерон.