• сабота, 21 декември 2024
МИА Флеш

 26 ноември 2024 

Скопје - Вкупниот проектен буџет за информациски и комуникациски проекти на Министерството за дигитална трансформација за 2025 година е поголем за 200 проценти, споредено со претходните години - од 154 милиони денари во 2023, 182 милиони денари во 2024, на 365 милиони денари во 2025 година, информираше денеска портпаролот на Владата Марија Митева. 

Нашата цел како Влада, нагласи Митева, е да го трансформираме македонското општество во дигитално општество.

- Дигиталната трансформација значи посилна поврзаност и подобра иднина за сите нас. Затоа за само неколку месеци по преземањето на власта предвидовме нови 80 електронски услуги, зголемена поврзаност на институциите и фокус на сајбер безбедноста. Преку овие проекти и вложувањето во дигитализацијата ја осигуруваме нашата позиција во дигиталниот свет, истакна Митева.

Гостивар - Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска нема да кандидира за нов мандат. Во изјава за медиумите дадена денеска по примопредавањето на шест нови еколошки автобуси за потребите на ЈСП, Арсовска рече дека ситуацијата во државата е крајно полазирана и дека не планира да соработува со луѓе кои знаат само да саботираат и блокираат. 

-Би сакала да им посакам барем еднаш да покажат и да докажат прво пред граѓаните дека она што го кажуваат, ќе можат да го реализираат за да на следните избори имаат поддршка. Јас кога се кандидирав за градоначалник, ја имав поддршката од ВМРО-ДПМНЕ којашто, за жал, не успеа да се надмине себеси. Суетите се преголеми за да дозволите некој да работи без да му кажувате што и како да прави. Благодарам, но јас со такви луѓе кои знаат само да саботираат и да блокираат не би сакала никогаш повеќе да работам, рече Арсовска.  

Скопје - Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) денеска преку проектот „ЕУ за чист воздух“ доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од Европската унија.  

— Оваа активност која денес ја спроведуваме е проект вреден 10 милиони евра којшто ќе придонесе за намалување на загадениот воздух, бидејќи тоа е еколошки проблем што го чувствуваме веднаш по почетокот на грејната сезона и со години го зема данокот врз здравјето  на граѓаните, изјави амбасадорот на Европската унија во земјава, Михаил Рокас, на примопредавањето на шесте еколошки автобуси во Дирекцијата на ЈСП. 

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, одржа средба со делегацијата на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, која престојува во официјална посета на државава.

На средбата, како што соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, се разговарало за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес. Посебен акцент бил ставен на иницијативата на министерката Божиновска за воспоставување директна авионска линија Прага-Скопје, која би ја олеснила поврзаноста меѓу двете земји, поттикнувајќи ја соработката во трговијата, туризмот и бизнисот.

Скопје - На скала од 1 до 10, холандските компании ја оцениле бизнис климата во државата со 5.7, што е за 6 отсто подобар резултат споредено со резултатите од последната анкета спроведена во 2022 година. Како клучни фактори кои би влијаеле во проширување на бизнисот во земјата биле наведени ниските оперативни трошоци, владината поддршка, растечката побарувачка за нивните производи како и леснотијата на водењето бизнис, покажуваат резултатите од анкетата спроведена меѓу холандските компании во 2024 година кои ги презентирала холандската амбасадорка Узлем Џанел.

На настан на кој присуствуваа претставници од владините институции, економските комори, холандскиот бизнис сектор и бизнис асоцијациите беше кажано дека резултатите покажуваат оти од друга страна, недостатокот од квалификувана работна сила и нивото на образование и обука како и корупцијата и непредвидливото бизнис опкружување биле идентификувани како главни пречки во водењето бизнис. Седумдесет и пет отсто од испитаниците сметаат дека достапноста на дигитални јавни услуги е многу важна за нивното ефикасно работење и намалување на трошоците. 

Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола во рамки на соработката со бизнис секторот обезбеди можност за користење стипендии за студенти од семејства со ниски приходи.

Апликативниот процес се реализира преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење кој работи во состав на УКЛО-Битола, а се однесува за студенти на Електротехничкиот отсек при Технички факултет-Битола.

Белград - Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека сега не е моментот за реконструкција на Владата и дека во вторник ќе соопшти кој од министрите ќе ги преземе министерствата предводени од Горан Весиќ и Томислав Момировиќ, кои поднесоа оставки поради трагедијата во Нови Сад, а кои вчера Собранието ги прифати, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ни претстои пат да поставиме двајца нови министри, а во вторник ќе кажам кој ќе ги преземе тие две министерства, додека не се изберат нови членови на Владата, изјави синоќа Вучевиќ за Јуроњуз.

Тој кажа дека тече рокот од 15 дена за предлог на нови министри и дека во тој период ќе разговара со претседателот Александар Вучиќ и партиските претставници.

Тирана – По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, во голема полициска акција против криминални групи албанската полиција уапси високи полициски службеници, поранешни судии, адвокат, како и двајца новинари.
Акцијата била спроведена во соработка со Европол и други албански и европски агенции за спроведување на законот, а бидејќи истата е во тек, од СПАК не даваат подетални информации.

-По приведувањето Специјалниот суд донесе 21 мерка за безбедност во контекст на истрагата за криминална организација од меѓународен обем, во која се вклучени членови на криминалната организација, високи полициски функционери, судии кои биле на должност за време на криминалната активност, адвокат и двајца новинари, објавија албанските медиуми.

Софија - Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, соопшти дека со олеснување ја повлекува својата кандидатура за премиер на Бугарија, јави БТА.

- Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Категорично ја повлекувам кандидатурата. Чекаме премиер со еквидистанца, изјави Борисов на прес-конференција, додавајќи дека веднаш ќе го врати мандатот кога ќе го добие.

- Ги добивме неопходните одговори и тие покажуваат дека во мене не гледаат добар лидер или премиер, објасни Борисов, осврнувајќи се на ставот на „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“. Тој истакна дека нема да се занимава со проблемите кои, како што рече, биле создадени во последните четири години.

Берлин - Германскиот министер за економија, Роберт Хабек, предупреди дека најавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за воведување царини треба сериозно да се сфати.

Тој повика Европа и Германија веднаш да започнат преговори со САД за да спречат трговска војна и потенцијални економски загуби.

Трамп најави дека уште на првиот ден во Белата куќа ќе воведе царини од 25 отсто за увозот од Мексико и Канада и 10 проценти за производите од Кина. Ова е дел од неговите напори да се справи со илегалната имиграција и трговијата со дрога, јави Си-Би-Ес.

Стразбур - Во Европскиот парламент во Стразбур се одржуваат дебати за зголемување на поддршката на ЕУ за Украина против руската агресија, како и за растечката воена соработка меѓу Северна Кореја и Русија. Некои европратеници изразија загриженост дека оваа состојба може да доведе до Трета светска војна.

Јанош Бока, министер за европски прашања на Унгарија, истакна дека Русија продолжува да ја таргетира енергетската инфраструктура на Украина. Тој нагласи дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана.

Брисел - Зајакнувањето на европската одбранбена индустрија и подобрувањето на воената мобилност бараат дополнителни средства, поради што е потребно издвојувањата за одбраната да бидат поголеми од сегашната цел на НАТО за најмалку два отсто од националниот БДП на секоја земјата членка, смета врховниот командант на НАТО за трансформација, францускиот адмирал Пјер Вандие. 

- Треба да одвојуваме повеќе. Во следните 18 месеци на маса ќе биде ставена цел за три отсто од од БДП, вели Вандие во интервју за бриселскиот портал „Политико“, посочувајќи дека во време на Студената војна трошоците за одбраната изнесувале четири или пет проценти од БДП. 

Волгоград - Руски државјанин, кој на почетокот на годинава беше осуден за палење примерок од муслиманската света книга Куран, е осуден на дополнителни 14 години затвор поради предавство.

Никита Журавел е осуден на 14 години затвор во рускиот град Волгоград, јави руска државна новинска агенција, повикувајќи се на судски документи.

Според агенцијата, Окружниот суд во Волгоград му дозволил на осудениот да поднесе жалба на пресудата.

Руското државно обвинителство минатиот месец објави дека регионалната канцеларија во Волгоград го одобрила обвинението за случајот Журавел.

Aлијага - Експлозија се случи синоќа во рафинеријата за нафта Тупрас во градот Алијага во западниот дел на Турција.

Според првичните информации, инцидентот се случил околу 20 часот по локално време во печка за сурова нафта во рафинеријата, што довело до пожар, јави ТВ каналот „А-хабер“.

Засега нема информации за повредени, а се утврдуваат причините за инцидентот.

Во рафинеријата беа испратени противпожарни бригади од градот и провинцијата Измир

Велингтон - Јато од повеќе од 30 пилотски китови е спасено откако се насука на плажата Руакака кај Вангареј во северниот дел на Нов Зеланд, јави Би-Би-Си.

Надлежните соопштија дека повеќето од насуканите китови се вратени во морето, но дека за жал починале тројца возрасни китови и еден млад кит. После тоа, немаше повеќе насукувања.

Спасувањето беше предводено од локалната маорска група наречена Патухаракеке, со помош од властите, како и од јавноста.

Тагови

Остани поврзан