• понеделник, 19 август 2024
МИА Радио флеш

19 август 2024 

- На граничниот премин Табановце за излез и влез во земјата се бележи зголемена фреквенција на возила. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања, информираат од АМСМ.  

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. 

- Петтиот ден на јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе почне со отворање на индустрискиот сегмент на фестивалот, во чии рамки ќе се одржи шестото издание на МакеКоПроДокс форумот од 19 до 21 август во МКЦ.

Како што соопштуваат организаторите, главна цел на форумот е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и девет проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.

 - На 30. Сараевскиот филмски фестивал вечер во амфитеатарот Open Air ќе се одржи премиера на македонскиот долгометражен филм „Убиј ги прво децата“, по сценарио и во режија на Димитар Оровчанец. Филмот, кој ќе се прикажува во официјалната програма, е комична приказна за тинејџерка-балерина, нејзиното лудо вљубено момче и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео.

„Убиј ги прво децата“ е дебитантски игран филм на Димитар Оровчанец, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“. Продуценти на филмот се Атанас Георгиев и Дејан Илиев.

- Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски денеска ќе престојуваат работна посета на општина Кавадарци.

Како што информираат од прес-службата на Министерството за транспорт, Николоски и Трајановски ќе извршат увид во градежни активности на улицата „Ѓорѓи Соколов“.

 - Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска ќе го посети Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Како што соопштија од Министерството за здравство, посетата е по повод промоција на партнерство со Црвениот крст за санитетски транспортни возила. 

- Во текот на вчерашниот ден во Грција избувнале 44 нови пожари, од кои најмалку десет биле предизвикани од громови на голема надморска височина, соопшти, преку социјалните мрежи, министерот за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.

Надлежниот министер, објави мапа со пожарите во земјата, и истакна дека напорите за гаснењето на огнената стихија предизвикана од громови „беа многу отежнати“, им се заблагодари на пожарникарите, волонтерите и локалните власти и апелираше сите да бидат внимателни „бидејќи во следните денови се очекуваат временски појави со интензивни молњи“.

- Претседателот на Бугарија Румен Радев пред десет дена и даде задача на кандидатката за техничка премиерка Горица Грнчарова-Кожарева да формира техничка влада. Се очекува денеска Грнчарова-Кожарева да ги објави имињата на избраните министри. Според Радев, составот на владата треба да биде предложен најдоцна до 19 август, а новите предвремени парламентарни избори се планирани за 20 октомври.

Грнчарова-Кожарева веднаш започна разговори со сегашните министри и други експерти. Без присуство на медиуми, таа имаше средби со министри од тековната техничка влада.

- Најмалку 10 полицајци се повредени за време на вчерашните пропалестински протести во Берлин, соопштија локалните власти, пренесува ДПА.

За време на вчерашните протести во централниот кварт „Кројцберг“ кон полицајците беа фрлани камења, јајца и пластични шишиња.

- Единаесетгодишно момче било избодено од маскиран напаѓач додека играло на фудбалско игралиште во мал шпански град јужно од Мадрид, пренесе државната телевизија РТВЕ, пренесе ДПА.

Напаѓачот ненадејно се појавил на игралиштето во Мосехон и го избодел момчето со остар предмет.

- Шефот на европскиот оддел во Министерството за надворешни работи на Русија, Олег Тјапкин, изјави дека Русија официјално поднела жалба против Германија поради истрагата за саботажите на „Северен тек 2“ и инсистира да одржи разговори за исполнување на Берлин на неговите меѓународни обврски во борбата против тероризмот.

Во интервју за „РИА Новости“, кое го пренесуваат германските медиуми, Тјапкин потсети дека германските власти издале потерница за еден од наводните извршители на саботажата, кој е украински државјанин.

- Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека операцијата во руската област Курск има за цел „создавање тампон-зона“. Ова е првпат украинскиот претседател јасно да го посочи целта на нападите на руската територија, пренесува „Скај њуз“.

Претходно, Зеленски изјави дека операцијата, започната на 6 август, има за цел да ги заштити заедниците во пограничниот регион Суми од постојано гранатирање.

- Американската авиокомпанија „Американ Ерлајнс“ соопшти дека ќе ги прекине сите летови за Израел до април 2025 година поради големите регионални тензии. Според израелскиот јавен сервис „КАН“, „Американ Ерлајнс“ се приклучи на неколку големи компании кои исто така одлучија привремено да ги прекинат летовите.

Од 7 август, вкупниот број на странски авиокомпании кои ги прекинаа летовите до и од Израел достигна 20, наведува „КАН“. Меѓу авиокомпаниите кои ги прекинаа летовите се и „Делта Ерлајнс“, „ИзиЏет“, „Рајанер“, „Луфтханза Груп“, „Јунајтед Ерлајнс“, „Егеан Ерлајнс“, „ЕрБалтик“, „Ер Индија“, „Ер Франс-КЛМ“, „Катеј Пацифик“, „Таром“, „Вуелинг“ и „ИТА Ервејс“.

- Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска во Пекинг се сретна со новиот виетнамски лидер То Лам, јави кинеската новинска агенција Синхуа.

Ова е првата меѓународна посета на новиот виетнамски лидер откако ја презеде функцијата.

Состанокот е показател за блиските врски меѓу Виетнам и Кина, кои имаат добро развиени економски и трговски односи.

- Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека прекин на огнот во Газа „сѐ уште е можен“ и увери дека САД не се откажуваат од напорите за постигнување примирје.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и Хамас вчера се обвинија меѓусебно за неуспехот на посредничките напори за постигнување примирје, во момент кога започна посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Израел. 

Остани поврзан