МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

13 февруари 2025
Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за економски прашања, труд и енергетска политика, за политички систем и односи меѓу заедниците, за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно-правната комисија.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка е единствена точка на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Брисел - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Брисел учествува на средба со неговите колеги од земјите членки на НАТО, на која главни теми се подготовките за Самитот на Алијансата во Хаг во јуни, зголемувањето на трошоците за одбраната, зајакнувањето на трансатлантскиот одбранбен индустриски капацитет, состојбата во Украина и руската кампања за дестабилизирачки активности.
Средбата ќе започне со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, по што ќе следи церемонија на потпишување на Писма за намери и Меморандуми за разбирање за мултинационална соработка.
Скопје – Владата денеска на седница треба да ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо. Одлуката, според најавите, ќе важи до 30 април и ќе опфаќа над 100 групи производи.
Како што информира Владата покрај основните прехранбени производи одлуката ќе вклучува и средства за хигиена, бебешка храна и непрехранбени производи кои имаат многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска, денеска напладне ќе се обрати на официјалното отворање на „Иноваториум – Клуб на напредни знаења и вештини“, дигитален проект што Титан-Усје го реализира заедно со Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, во просториите на Титан-Усје.
Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во текот на овој месец ќе се одржат осум јавни презентации на националната кампањата „Позитивна промена“ која има за цел подигнување на јавната свест и едукација за правилно постапување со отпадот.
„Позитивна промена“ денеска ќе почне во општина Чаир, со презентација пред претставниците на општините од Скопскиот плански регион, на кои ќе се споделат промотивните и едукативните материјали за важноста, ефектите и придобивките од добар и одржлив систем за управување со отпад кој исто така бара и зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа во овој сегмент. Презентациите ќе се одржуваат и во општините Куманово,Тетово, Битола, Струга, Струмица, Кавадарци и Штип.
Скопје - Во Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) денеска напладне ќе се одржи доделување на традиционалните годишни награди за 2024 година.
Добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело е Жарко Кујунџиски за збирката раскази „Приказничар“, во издание на „Антолог“, а добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка е Иван Џепароски за збирката песни „Посвети и пофалби“, во издание на „Дијалог“.
Наградата „Ванчо Николески“ за најдобро дело за деца и млади ќе ја добие Иван Антоновски за книгата „Бакнежи на небото“ од во издание на „Светулка“.
Скопје - Францускиот институт во Скопје и Факултетот за информатика и компјутерски технологии организираат дебата на тема „Вештачката интелигенција и културата: револуција или еволуција?“, што ќе се одржи вечер, во 19:00 часот, во Europe House Скопје, во рамките на 10. издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“.
Скопје - Полската авторка Мира Марќинув ќе присуствува на промоцијата на македонското издание на нејзиниот роман „Безматичник“ во превод од полски на македонски од проф. д-р Лидија Танушевска“ што ќе се одржи вечер со почеток од 19 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
Значењето на ’Безматичник’ е семејство пчели останато без матица, како метафора за ќерката која останува без мајка си, наведуваат од издавачката куќа „Три“ во чие издание е романот.
Скопје - Џез-составот Skopje Jazz Inc. по повод одбележувањето на Светскиот ден на радиото, вечер во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во Скопје ќе одржи концерт со почеток во 21 часот.
Настанот е во рамките на „Денови на литературата“, а концертот ќе се пренесува во живо на познатата фреквенција на „Џез ФМ“ - 100.8 ФМ, како и онлајн на jazzfm.mk, соопштија од тимот на радиото.
Скопје - Промоција на романот „Недостиг“ од Симеон Јанков, во издание на Или-Или, вечер во 19 часот ќе се одржи во кафе-книжарницата Буква. Промоторка на романот е Фросина Крушкаровска.
Гевгелија – Гевгелија од денес до недела е домаќин на натпреварите од годинашниот кошаркарски куп „Благоја Георгиевски - Буштур“.
Осумте екипи во машка и четири во женска ќе се борат за вредниот трофеј.
Тирана - Специјалниот суд против организиран криминал и корупција доцна синоќа ја потврди претходно донесената мерка, со која градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, останува во затворски притвор. Мерката ќе ја издржува во затворот во Драч.
Во суд беа повеќе од 7 часа каде освен Велиај беа испрашувани и неговата сопруга Ајола Џоџа и 6 бизнисмени, а судското тело повеќе од два часа одлучуваше околу мерките.
На Џоџа мерката "куќен притвор" и е заменета со "јавување двапати месечно во судот" а и е одземен и пасошот и и е забрането напуштање на земјата.
Милано - Италијанската полиција откри и конфискува речиси милион евра кои италијанскиот бизнисмен и поранешен сопственик на фудбалскиот клуб Интер, Масимо Морати, ги префрлил на сметка во странска банка, откако станал жртва на измама со вештачка интелигенција, соопштија официјални лица.
Измамниците користеле вештачка интелигенција за да го имитираат гласот на италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозе и оствариле телефонски повици тврдејќи дека бараат итна финансиска помош за ослободување на киднапираните италијански новинари на Блискиот Исток.
Брисел - Во Белгија денеска се одржува генерален штрајк, поради што се откажани сите летови од белгиските аеродроми, редуциран е јавниот превоз и не работат јавната администрација, државната пошта, училиштата и комуналните служби, како затворските чувари.
Штрајкот е во организација на неколку белгиски синдикати, како резултат на незадоволство од најавените реформи и економска политика на новата Федерална влада на Белгија.
Вашингтон - Кинеските власти во изминатите недели предложиле Пекинг да биде домаќин на средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, како и помош за мировните преговори за Украина, објави Волстрит џурнал, повикувајќи се на извори во Пекинг и Вашингтон.
Весникот наведува дека кинеските претставници преку посредници ги испратиле тие понуди до тимот на Трамп и не предвиделе учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски во преговорите меѓу Трамп и Путин.
Белата куќа не потврди дали добила таква понуда од Кина.
Вашингтон - Околу 75.000 американски федерални вработени го прифатија пакетот за отпремнина предложен од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави портпаролот на американската Канцеларија за човечки ресурси.
Отпремнините е еден од начините на кои Трамп бара да го намали бројот на федерални вработени, што изнесува вкупно 2,3 милиони и кој тој го смета за неефикасен.
Изворите велат дека Трамп планира да отпушти до 70 отсто од персоналот во одредени владини агенции.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека сака веднаш да го затвори федералното Министерство за образование. „Би сакал да видам федералното Министерство за образование веднаш да се затвори. Тој оддел е голема измама“, рече Трамп.
Трамп минатата недела рече дека би сакал да го затвори федералното Министерство за образование со извршна наредба, но тој призна дека ќе му треба поддршка од Конгресот и образовните синдикати за да го исполни своето предизборно ветување.
Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио во следните денови ќе бид во посета на држави од Европа и на Блискиот Исток, соопшти Стејт департментот.
Од 13 до 18 февруари Рубио ќе ги посети Германија, Израел, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Државниот секретар ќе престојува во Минхен на 13 февруари на годишната безбедносна конференција, каде со меѓународните партнери ќе разговара за повеќе американски приоритети. Во Минхен ќе учествува и на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7.
Вашингтон - Специјалниот пратеник на САД за Украина Кит Келог денеска ја започнува европската турнеја што ќе трае до 22 февруари и ги вклучува Германија, Белгија и Украина. Целта на турнејата е да се поддржи идејата на претседателот Доналд Трамп за обезбедување мир во Украина, како и американските интереси во областа на националната безбедност, објави американскиот Стејт департмент на својата веб-страница.
Лондон - Британскиот премиер Кир Стармер денеска ќе објави голема програма за изградба на „нови градови“, што се смета како најголема од Втората светска војна, со цел да се надмине тешката станбена криза во Велика Британија.
Лабуристичката Влада, која дојде на власт во јули минатата година, планира да изгради 1,5 милиони домови до 2030 година.
Сан Салвадор - Конгресот (парламентот) на Ел Салвадор одобри реформа со која се дозволува малолетниците осудени за злосторства поврзани со организираниот криминал да бидат сместени во затвори за возрасни, во посебни делови на казнените институции.
Мерката ќе се однесува на деца под 18 години кои биле дел од банди и биле осудени за тешки кривични дела како што се убиства, киднапирања и трговија со оружје, објави Конгресот.
Тајпеј - Четири луѓе загинаа, а неколку други се повредени во експлозија во трговски центар во Тајван, соопштија локалните власти.
Експлозијата се случила во ресторан во трговски центар во градот Таичунг, централен Тајван, соопштија пожарникарите.
Локалот бил затворен поради реновирање во моментот на експлозијата.
Панама Сити - Повеќе од 450 демонстранти беа уапсени, а најмалку 15 полицајци се повредени во главниот град на Панама за време на вчерашниот ден на протестите против владиниот план за зголемување на законската старосна граница за пензионирање.
Имаше судири меѓу полицијата и учесниците на протестите кои ги повика градежниот синдикат Сантракс.
Началникот на полицијата Хамес Фернандез изјави дека 15 полицајци биле повредени.